13 години од смртта на Атина Бојаџи, инспирацијата за филмот „Исправи се Делфина“

Фото: Викимедија

На денешен ден се навршуваат 13 години од смртта на „охридскиот делфин“ Атина Бојаџи, една од најзначајните личности во македонската спортска историја.

Нашата маратонка во пливање уште на 11-годишна возраст успеала да ги собори сите македонски рекорди во пливање на кратки патеки во слободен стил, делфин итн.

Таа станала светски првак во маратонско пливање на слатки води на Охридскиот маратон во 1962 година. Вкупно двапати била светски првак на слатки води, првиот пат на само 18-годишна возраст. Истата година, Бојаџи запишала вистински подвиг, кога на исклучително опасниот маратон Саида – Бејрут, од 23 натпреварувачи, само таа и еден пливач од Египет успеале да стигнат на целта. Претседателот на Либан, восхитен од нејзината пливачка моќ, ѝ доделил орден за храброст.

До ден-денес, таа сѐ уште го држи приматот – најмлад првак на Охридскиот пливачки маратон на сите времиња.

Нејзиниот најголем успех во пливачката кариера ѝ е препливувањето на Ламанш (9 септември 1969 година) за 13 часа и 20 минути и со тоа станала првата Македонка, а воедно и првата пливачка од Југославија, која го остварила овој успех.

„Дочекот беше прекрасен, од селото Косел до плоштадот во центарот на Охрид имаше колони од луѓе. Јас седната во кабриолет во таа гужва го слушав гласот на син ми кој во плач викаше: ‘Мајко, кои се овие луѓе, што е ова?’. Јас навистина до ден-денес нема да го заборавам тој дочек, беа излезени речиси сите охриѓани“, раскажала Бојаџи за дочекот во родниот Охрид.

Во чест на овој успех на Бојаџи, во 1977 година бил снимен филмот „Исправи се Делфина“ на режисерот Александар Ѓурчинов, со Неда Арнериќ, Столе Аранѓеловиќ, Дарко Дамески, Слободан Димитриевиќ и Диме Илиев во главните улоги.

Филмот е приказна за девојката Делфина, која додека се обидува да го преплива каналот Ламанш се навраќа на пресвртните моменти од нејзиниот живот, кој, изгледа единствено би добил смисла доколку таа успее во својата мисија. При препливувањето, на бродчето што ја следи се нејзиниот тренер Атанас и нејзиниот пријател Петко, кои постојано ја бодрат и ѝ помагаат. Во меѓувреме, Делфина се сеќава „на запознавањето со Младен, тренерот на републичката репрезентација во пливање, за првите интимни контакти со него, за наставата во угостителското училиште и за членувањето во локалниот пливачки клуб“ и др.

Во еден критичен момент, кога се чини дека Делфина нема да може да го оствари својот подвиг, Петко скокнува во водата и плива заедно со неа: „Ајде Делфина, ќе пливаме заедно, ајде. Сети се на јагулите…“. Благодарение на неговата поддршка, таа ја надминува и последната криза и конечно, успева да го преплива Ламанш. По повод нејзиниот успех, во Скопје се одржува свечен прием на кој присуствува и Младен. Сепак, Делфина се поздравува со Петко и потоа „заминува по патот што самата го одбрала“.

Филмот „Исправи се Делфина’“ е добитник на бројни југословенски и меѓународни признанија и е еден од најбараните македонски играни филмови во светот“. Оценет е како „ремек-дело“, а и како „можеби најкултниот македонски филм“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот