ВИДЕО | Даути: Порано за снаите се купуваше злато, сега велат дај ми пари да одам на одмор

Меџит Даути- златар/Фото: Методи Здравев

„Слободен печат“ во поддршка на старите занаети од Скопската чаршија. Преку интервјуа со занаетчиите ќе се обиде да ги спаси од заборав, да ги запозне младите генерации со традицијата која со векови се одржува во Чаршијата. Можеби прилозите ќе бидат поттик за некој млад човек некој занает да го одбере за своја идна професија и со тоа да ја продолжи традицијата. Со тоа ќе ги спаси дуќаните од трајно затварање.

Меџит Даути е најстариот златар во Старата скопска чаршија. Работи од 1976 година. Учел во уметничко училиште, а за тоа што е златар вели дека е виновен некој негов сосед кој го вработил во „Рубин кармин“- фирма која се занимава со производство на златен и сребрен накит.

Фото: Методи Здравев

-Еден мој сосед ме зема во фирмата, прва генерација бевме и од тогаш го почнав занаетот. Кај мене златарството не се наследува јас сум првиот златар во семејството. Од тогаш до сега 6 души чираци имав- вели Даути.

За себе вели дека е најстар златар во Чаршија. Бил во Уметничко училиште, му одело цртањето многу.

Фото: Методи Здравев

– Кога почнував тогаш беше Југославија, работевме со над 20 милиони луѓе, сега со 1,5 милиони, ги убија занетите и стандардот и беспарицата. Многу занаети затворија, јажари, електричари, водоводџии, лимари, дограмаџии, се имаше, сега ако треба да бараш некој електричар нема дуќан каде што можеш да се обратиш. Професијата не ми е наследена, прв сум во семејството, од кај мене изегоа чираци и два- три братучеди кои сега ќе наследат занаетот- вели Даути.

Тој објаснува дека туристи има многу. Муштерии му се и свадбарите кои доаѓаат за да купат злато како продарок.

– Свадби се прават летно време. Ако лани за 30 отсто беше намалено купувањето годинава само 5 отсто од посетителите купуваат, туристи има многу, како на стадион, но само шетаат. Профит имаат кебапчилници, ресторани, слаткарници. За нив има работа, кај нас катастрофа. Нашиот занает е луксузен, ако има пари ќе купи, ако не не. Сега младите на сребро се преориентираа, за свадба порано се купуваше злато сега викаат снаите дај ми пари за одмор или да си купам нешто за дома, злато не ми треба- објаснува златарот.

фото: Методи Здравев

За накитот кој го продава вели дека сам го изработува. Од почеток има топење, се топи златото, потоа се вала во машини, во жица.

– Потоа другото рачно се прави, се полира, на крај, се монтираат тие што се со камчиња, тие што треба да ги резбаме, ги резбаме. Дизјните сами ги правиме. Овие што ги гледате се сите уникатни, по едно… И да сакаш две исти да ги направиш, нема да бидат исти рачно изработени- вели Даути.

На два саеми во Скопје и во Загреб, прво место добил за некои негови модели на накит. Сега само тројца во Старата скопска чаршија ги изработуваат овие модели бидејќи сега сериски се се прави.

Целото интервју на колешката Агнеса Чаволи и како изгледа изработката на рачен накит погледнете овде: 

 

Во петок очекувајте го интервјуто со Зоран Таневски, единствениот свеќар во Старата скопска чаршија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот