11-годишното момче со возило на итната помош и со ургенции на Филипче се префрла на Детска Клиника во Скопје

Јуни 2020, Скопје / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Со возило на итната медицинска помош, од Охрид за Скопје во моментов се префрла единаесетгодишното момче со церебрална парализа, кое институциите на системот го игнорирале со денови откако двајцата родители го напуштиле и го оставиле во рацете на познаник кој ниту знаел каква терапија прима, ниту како да се грижи за пациент со ваква тешка дијагноза.

На детската клиника во Скопје, медицинска екипа во моментов подготвува соба во одделот за изолација, каде ќе биде сместено младото момче, кое со денови не се хранело со ништо друго освен со една чаша млеко.

Министерот за здравство Венко Филипче, по објавата на сторијата на „Слободен печат“ лично се заинтересира и испрати екипа на брза помош да го земе момчето со претходна согласност од оние што го чуваат, за да му бидат извршени сите медицински прегледи кои му се неопходни на Клиниката за детски болести во Скопје.

Ова е домот на момчето кое беше напуштено од своите родители/ Фото: Слободен печат

Министерството за труд и социјална политика во текот на денот извести дека детето е згрижено во мал групен дом, но Слободен печат во попладневните часови од соседи на детето дозна дека тоа воопшто не е така и дека никој не дошол на лице место, туку само телефонски ги контактирале, за да им кажат дека утре момчето ќе биде тестирано за Ковид 19 а задутре однесено во мал групен дом во Демир Капија.

По реакцијата на Слободен печат, МТСП обезбеди згрижување за 11-годишното дете со церебрална парализа од Охрид

Меѓутоа, 48 часа се предолг временски период за дете со церебрална парализа да не биде хоспитализирано, да биде без терапија, инфузија, витамини и во влошена здравствена состојба за која Центарот за социјални работи Охрид покажа исклучителна неажурност.

Според информации кои ги добивме од соседите што живеат во куќата веднаш до онаа каде се наоѓало момчето, таму во текот на попладневните часови дошла екипа од социјално, иако институцијата се наоѓа во непосредна близина на куќата.

Како што тврдат соседите, детето лежело на подот од собата, постојано офкало и било екстремно слабо. Но, и ова не ги алармирало социјалните служби да постапат итно, туку чекале да дојде и утрешниот ден и само по притисок на јавноста случајот е конечно разрешен.

ПОТРЕСНА ПРИКАЗНА: 11-годишно дете со церебрална парализа оставено без терапија и со чаша млеко во куќа во Охрид

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот