Зошто еднаш да не завладее правото?

Правото не владее кога функционери, партиски лидери или криминалци (во случајот на Груевски се три во едно) ги избегнуваат пресудите преку скапо платени адвокати, уште поскапо купени судии и бесмислени извртувања на правните норми. Правото владее кога е фер и правично и уште поважно – еднакво достапно за сите. Под еднаквата пристапност не се сметаат само правата на обвинетите, туку и последиците.

„Зошто еднаш да не завладее правото?“ – праша гордо (и додека е на одмор) адвокатот на поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, за случувањата поврзани со случајот „ТНТ“.

Само за потсетување, во случајот „ТНТ“ (за противправното и одмаздничко уривање на Космос) се водат последните битки за да се спречи повторувањето на постапката кое одбраната толку очајно го посакува. По многубројните одложувања, недоаѓања, разболувања и „претепувања“ на обвинетите и адвокатите, одбраната успеа да ја дочека 2020 година без пресуда. Проблемот е што мандатот на една од судиите поротници истече на крајот на 2019 година. Но, практиката на Судот не е рочиштата да престануваат во моментот на истекување на мандатот, туку во моментот кога тоа ќе биде констатирано од Судскиот совет – практика што купи уште еден или два месеца за да може Судот да донесе пресуда.

По неколкунеделните притисоци и „посочување закони“ (како што адвокатите на одбраната ги нарекуваат своите не толку скриени закани), судијката поротничка поднесе оставка што не беше прифатена од претседателот на Судот. На средбата со претседателот на Судот, судијката поротничка кажала дека добива закани за да се откаже од судењето во „ТНТ“ и изразила загриженост за својата безбедност, по што добила и обезбедување.

За да биде лакрдијата уште поголема, адвокатот на Трајковски веднаш побара барем „еднаш да завладее правото“ во земјава, негирајќи секакви закани или притисоци кон Судот. Претпоставувам дека тоа го направи бесплатно, бидејќи според неговите зборови, тој е на одмор до 17 јануари, период кога намерно или случајно, се закажани пет рочишта во постапката против неговиот клиент.

Прво, за досегашните одложувања, кривичното и кривично-процесното право познаваат низа механизми со кои се одложуваат, се прекинуваат или се повторуваат постапките. Но, тоа се прави во случаи кога треба да се заштитат интересите на постапката, да се утврди или да се коригира можен пропуст или повреда на досегашната постапка или за заштита на правата на обвинетите. Тоа не се прави за да можат адвокатите да отидат на одмор, за да можат обвинетите да отидат на снимање синуси во Будимпешта, или за намерно одложување на постапката додека да се пензионираат судиите. Да, адвокатите треба да ги преземаат сите мерки за заштита на правните интереси на своите клиенти, но намерните одложувања и другите попречувања на постапките не се сметаат за легитимен правен интерес на обвинетите. Напротив, фер и правичното судење во разумен рок се смета за највисок правен интерес на секое обвинето лице. Сосема друго е прашањето како и зошто еден од обвинетите (Трајковски) не заврши во притвор, откако излезе фотографија како има средба со друг обвинет (Груевски), додека вториов е во бегство во Будимпешта.

Така, за адвокатите на фамилијата не можеме да кажеме дека се експерти што вешто го навигираат нашиот правен систем, туку само дека се запченици во остатоците од еден гнил систем кои никогаш и не научиле што навистина претставува адвокатурата и каква одговорност носи адвокатската лиценца кон целокупниот правен систем и општеството во целина.

Второ, за заканите. На ВМРО-ДПМНЕ никогаш и не им требало ништо друго, освен „посочување на законот“ за да се заканат. Тоа го правеа додека беа на власт, тоа го прават и сега. Исто како што на Кежаровски и на Ване Цветанов им беше посочувано на законот пред да ги стават зад решетки. Тие не ги сметаат законите за државни, туку за свои инструменти што имаат за цел да ги заштитат токму (и само) нив. Посебно ако го земеме предвид фактот дека членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ на големо одат во сите институции, градови и села и се фалат дека „сè ќе испоапсат“ откако ќе дојдат на власт по 12 април. Од пратеници и судии, па сè до административни советници и чиновници. Затоа, фактот дека „предупредувањата“ од адвокатите се фино спакувани во адвокатски говор и правнички формулации не ги прави помалку заканувачки, ниту помалку опасни по сигурноста на оние судии и обвинители кои одлучиле да не подлегнат на досегашните притисоци – туку напротив, укажува на одлучност за постизборно пресметување со противниците и неистомислениците на ВМРО-ДПМНЕ и фамилијата.

Трето – за најголемата баналност во целава работа – повикот на адвокатот на Трајковски „барем еднаш да завладее правото“. Господине Страшевски, сите сакаме еднаш и засекогаш да завладее правото во нашава држава. Но, тоа може да се случи само ако вашите клиенти завршат зад решетки. Настрана глупоста во тоа дека адвокати на луѓе што до вчера биле премиер и градоначалник бараат „еднаш да завладее правото“ – со што де факто признаваат дека правото никогаш не владеело во времето на владеење на нивните клиенти.

Правото не владее кога функционери, партиски лидери или криминалци (во случајот на Груевски се три во едно) ги избегнуваат пресудите преку скапо платени адвокати, уште поскапо купени судии и бесмислени извртувања на правните норми. Правото владее кога е фер и правично и уште поважно – еднакво достапно за сите. Под еднаквата пристапност не се сметаат само правата на обвинетите, туку и последиците. Така, би му препорачал на адвокатот да си го откаже одморот, а на обвинетите да си подготват зимска облека, бидејќи изгледа дека (барем во овој случај) правото ќе завладее, а дури тогаш почнува зимата за обвинетите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот