Зоран Костески – Шваца ни го открива Мариово, од памтивек неосвоена област

Поглед на Витолиште

Како што од родното село на Стале Попов, Мелница, не останало ништо – целото е „камен на камен“, обраснато со трње, капини и по некоја дабова фиданка, така речиси не останало ништо и од неговата родна куќа.

Неодамна излезе книгата „Мариово – Жива историја“ на новинарот Зоран Костески – Шваца, човек кој прошетал над 90 отсто од селата во Македонија. Книгата има 400-ни страници, а авторот ја дефинира како романизирана историска повест.

– Четириесетина години со мене е Стале Попов, триесетина години сум во неговото Мариово. Талкајќи далеку во Мариово, секогаш во себе прераскажувајќи ги неговите записи за Калеш Анѓа (Анѓа Сирмева), Толе Паша (Стојан Куликов), Шаќир Војвода (Крсте Ѓермов), Доста Рожденката („Крпен живот“), „Опасна печалба“, „Необично дете“, „Дилбер Стана“, „Доктор Орешкоски“ и мариовскиот итроманец Итар Пејо, ми дадоа потстрек да се обидам да ја продолжам неговата жива, раскажувачка традиција, каде што Мариовците и денеска живеат во светот на приказните, песните, со обичаите, вели Костески.

Мариово е полно со култура и историја. Кога секој добронамерник за прв пат ќе дојде тука, иако на прв поглед ќе забележи дека животот како да застанал, сепак тоа не е така – животот во Мариово и натаму непрекинато тече.

– Ќе се уверите кога ќе влезете и длабоко ќе прошетате низ оваа област, кога Мариовци ќе ви ги откријат таинствените нешта, преку приказните, легендите. Мариовци се гостопримливи. Ниеден туѓинец што „заталкал“ низ Мариово нема да го остават под ведро небо, жеден и гладен. Мариовската храна е разновидна, а и денес се подготвува „по старински“. Може да ја дегустирате во етно-ресторанот „Мариово“, во непосредна близина на селото Манастир, во „Етно куќа Дуње“ во селoтo Дуње и во „Етно куќа Зовиќ“ во истоименото село.

Калеш Анѓа

Легендите за името Мариово се поврзани со жена

– Неколкупати сум бил во Витолиште. Секогаш кога влегував и излегував од сокак во сокак, од едно патче во друго, ѕиркајќи од една авлија во друга, секогаш така пред мене, како на филмска лента, се преточуваше нова слика за селото Витолиште, надополнета со веродостојни сведоштва и историски аргументи – како што е старото предание за древната царица од Витолиште, кое е и денес живо. Таа за свое седиште го одбрала токму Витолиште, односно старата населба што се наоѓала на просторот помеѓу археолошките локалитети: Царичина Нива, Света Петка, Загрдишка Чука и Пеливор. Позната е како Кала Марија, Мара Султанија и Тамар Мара. Според преданието, Кала Марија била христијанка и му станала жена на султанот. Кога тој умрел во Едрене, царицата зела со себе 500 војници и тргнала кон Прилеп за манастирот „Трескавец“, каде што имала намера да се причести и да ѝ се врати на својата матична вера – христијанството. Арно ама, владиката кој бил старешина во манастирот, не ѝ дозволил да се причести и затоа таа им наредила на своите војници да ги исколат сите калуѓери во манастирот, кои биле според едни – 300, а според други 700 на број, а откако манастирот сосема го запустиле, се упатила во Мариово во манастирот „Чебрен“. Тука се причестила, а потоа за свое седиште, воедно и за свое вечно почивалиште, го одбрала селото Витолиште. Кала Марија во Мариово самостојно владеела заедно со нејзините селски кметови, кои биле избрани од жителите. Марија во Витолиште изградила палати и дворци, кои подоцна Турците ги разурнале и ги запалиле. Некои сегменти од преданието имат извесни историски потврдувања. Многу учени луѓе си го поставувале прашањето и се обидувале да дадат одговор која навистина била Кала Марија, чие име се среќава речиси на целата етничка територија на Македонија. Разгледувајќи ги историските податоци од 15 век дошле до констатацијата за историско постоење на Кала Марија. Многумина пишувачи за ова предание забележале дека Мара му била ќерка на српскиот деспот Ѓурач Бранковиќ и неговата сопруга – византиската принцеза Ирина Кантакузина од династијата на Комнените. Кала Марија по отоманското освојување на дел од Балканот и наближувањето кон српските деспотии му била дадена на султанот Мурат Втори за жена, од дипломатски причини. Според извесни историски пишувања се работи за голема блискост на ќерката на Ѓурач Бранковиќ и царицата Марија со султанот, која била посебно почитувана, имала големи привилегии, кои главно ги исполнувала во Мариово, во Македонија.

За Мариово се врзани легенди за повеќе големи жени, како познатата Мариовка Чучук Митра, опеана во песната „По пат одам, за пат прашам“, легендата за Анѓа Сирмева – главната хероина во романот „Калеш Анѓа“, на која верата ѝ значела повеќе од животот, легендата за Доста Рожденката, родена во градот Солун, како и легендата за Кала Марија и нејзината кула.

Историските податоци за Кала Марија говорат и дека таа е родена во 1417 година, а за отоманскиот султан Мурат Втори се омажила на четврти септември 1435 година во градот Едрене. Умрела на 70-годишна возраст на својот имот во селото Витолиште, каде што имала и своја кула, а остатоци и денес можат да се видат на витолишкиот археолошки локалитет Царичина Нива. Според грчкиот археолог Николас Муцопулос, повидливи делови од кулата постоеле сè до 1940 година, кога за време на Втората светска војна до темел била урната, и не останала ни трага ни белег од ништо. Останала само во легендите, во усните преданија и записите, меѓу витолиштани, Мариовци и сите други што го посетиле селото Витолиште, објаснува Костески.

Од родната куќа на Стале Попов не остана речиси ништо

Меѓу многуте автори кои свои траги оставиле во Мариово е и македонскиот разкажувач, романсиер, мариовецот Стале Попов, роден во селото Мелница. Своите сведоштва за тешкиот живот на неговите соселани, кои живееле ропски живот под турските аги и бегови, многу рано започнал да ги бележи на хартија.

Родната куќа на Стале Попов

– Стале Попов навистина е сликар на мариовскиот живот. Во неговите дела е даден опис на народниот живот кој веќе не постои, атмосфера која веќе ја нема, податоци што имаат вредност на документи од минатото – вели авторот на книгата „Мариово – Жива историја“.

Но, како што од родното село на Стале Попов, Мелница, не останало ништо – целото е „камен на камен“, обраснато со трње, капини и по некоја дабова фиданка, така речиси не останало ништо и од неговата родна куќа.

– И таа падна. До неодамна постоеше спомен-обележје, но и тоа веќе го нема. И покрај многуте мудрувања и ветувања како од прилепската локална самоуправа, така и од македонската држава за возобнова на куќата, ништо не се направи. Како сведок за нешто што некогаш било, остана само многувековниот манастир „Свети Илија“, чија манастирска црква е во мошне тешка состојба – фрескоживописот е оштетен, црквените ѕидови распукани, се плашам дека ако не се направи скорешна реставрација на овој македонски духовен храм, истата судбина ќе ја доживее како и родната куќа на Стале Попов – вели Костески.

Поранешна продавница и еден од седумте анови
Мелнички манастир
Манастир Св Димитрија Солунски

Во прилепскиот дел на Мариово селскиот туризам многу бавно се развива, без голема заинтересираност на прилепската локална самоуправа. Додека пак селскиот туризам во битолскиот дел на Мариово има сосема поинаква слика. Пред две години конечно целосно се асфалтирал регионалниот пат Новаци – село Градешница во должина од педесетина километри. Поранешните воени објекти од ЈНА, општината не ги оставила да пропаднат, ги изнајмила на долгогодишно користење на приватниот туристички сектор. Неодамна е ревитализирано излетиштето Коњарка, речиси сите села се со решена инфраструктура, селските патчиња и сокачиња се поплочени, поставени се патокази до споменичните обележја од Првата светска војна, а во соработка со Битолската епархија отворени се сите манастирски конаци за посетители.

Чебрен

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот