Зонското паркирање „освојува“ нови простори, ќе го има и во Карпош

Фото: Слободен печат

ЈП „Градски паркинг“ планира годинава да воведе нови зонски паркиралишта во општините Карпош, Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Чаир и Гази Баба. Ова е резултат на потребата на граѓаните во овие општини да се зголеми бројот на паркинг-места и да се организира сообраќајот во мирување.

Како што се наведува во Програмата за инвестиции на ЈП „Градски паркинг“ за 2023 година, која беше усвоена од советниците во градскиот совет на последната седница, во моментов претпријатието располага со 9.577 паркинг-места, од кои 1.983 на јавните паркиралишта каде што е поставена рампа, 8.544 места на зонските паркиралишта и 1.050 места во катните гаражи, а ќе инвестира и во нови.

Во Општина Карпош најпрво ќе се воведува зонско паркирање во Карпош 1, Карпош 2, Млечен ресторан, Економија, а потоа и во другиот дел од општината.

Во Карпош во согласност со направените анализи на терен и потребите на жителите од овој дел на градот, во план е да се преуредат одредени јавни површини, со што ќе се оспособат за организирање на сообраќајот во мирување – се вели во програмата.

Во населбата Карпош 1 жителите со години имаат голем проблем со недостиг на паркинг-места, пред сѐ затоа што во оваа населба, која граничи со општина Центар, се паркираат граѓаните што работат од другата страна на Рузвелтова и сите оние што имаат потреба да одат во соседната општина, а не сакаат да платат за паркирање. Според Програмата, во оваа населба се планира да се воведе зонско паркирање на просторот помеѓу улиците Гиго Михајловски, Иван Аговски, Даскал Камче, Руѓер Бошковиќ и Никола Тесла. Со воведување на зонското, според процената на претпријатието, би се овозможило паркирање на околу 430 возила.

Во Карпош 2, потегот на кој е планирано да се организира сообраќајот во мирување, е од булевар 8 Септември, улица Бранислав Нушиќ и улица Веселин Маслеша, каде што на овој начин би се ставиле во употреба уште околу 350 паркинг-места.

Како што е веќе познато, граѓаните од овие две населби уште пред четири години на анкета се изјаснија дека се за зонско паркирање во надеж дека така полесно ќе наоѓаат слободно место за паркирање. Општина Карпош, пак, во 2021 година испратила барање до ЈП „Градски паркинг“ за изработка на проект за зонско паркирање, но, како што наведуваат од претпријатието во својата Инвестициона програма, во овој дел од градот потребно е најпрво да се измени режимот на сообраќај. За каква измена станува збор, не е прецизирано, затоа што во овие населби уште пред неколку години на улиците е воведен еднонасочен сообраќај.

Понатаму, според најавените планови на претпријатието, во реонот на Млечен зонско паркирање се планира помеѓу улицата Френклин Рузвелт и булеварите Партизански одреди, Митрополит Теодосиј Гологанов и 8 Септември.

Дали годинава конечно ќе се организира паркирањето во општина Карпош е сосема неизвесно, затоа што тоа беше најавено и во минатогодишната Програма за инвестиции на „Градски паркинг“, но досега не се реализираше.

Плановите, пак, за општина Аеродром се да се прошири зоната Д во Стар Аеродром, додека во Мичурин ќе се уреди нова подзона Д10, на потегот од Транспортен центар до улицата Руди Чајавец.

Во Општина Гази Баба зонско паркирање ќе добие населбата Автокоманда, каде што исто така постои сериозен проблем со недостиг на места за паркирање, па дури Општината планира да обезбеди паркинг-простор и во дел од дворот на училиштето „Стив Наумов“, што предизвика многу негативни реакции кај скопјани.

Како што е наведено во Програмата на „Градски паркинг“, зонско се планира и во Чаир, Сарај и во Кисела Вода, но не е прецизирано на кои простори во овие општини тоа би се спровело.

Според Програмата, зголемена е потребата од инвестициски вложувања насочени кон задоволување на потребата на граѓаните за повеќе места за паркирање, но и потребата за повеќе јавни паркиралишта и монтажни гаражи, иако не се спомнува дека годинава ќе се изгради некоја нова. Зголемена е и потребата и за вложување во опрема и за видеонадзор и мониторинг, наплатни куќички, паркомати, возила и машини за чистење на паркиралиштата и на катните гаражи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот