Змијата која се појави во Ново Маало е жолт смок безопасен за луѓето

Змија во центарот на Скопје/Фото: Слободен печат/Валентина Ангеловска

Змијата која се појави во центарот на Скопје во Ново Маало е жолт смок кој е потполно безопасен за луѓето. Главна храна му се глувци, а појавата во урбана средина е поради високите ноќни температури и наглото затоплување. По објавата на Слободен печат дека во Ценар има змии се огласи и Македонското еколошко друштво и херпетологот Богољуб Стеријовски.

– Од она што можев да го видам на вашата фотографија станува збор за жолт смок кој е најчест вид на смокови кои се појавуваат во нашата земја. Главна храна му се глувци и битно е да се знае дека е безопасен за луѓето- вели Стеријовски.

Влакачот вчера беше извлечен од страна на случајни минувачи, а беше долг околу еден метар.

– Појавата на змии во градска средина не е вообичаена појава, но се случува да ги има. Нивното излегување е поради подготовката за репродукција и тогаш интензивно се хранат. Последните неколку години наглото затоплување е причина за појавата во урбана средина. Се појавуваат кога ноќната температура е над 8 степени- вели Стеријовски.

Според него појавата на змии по градовите е ретка поради тоа што тука нема доволно храна. Најчесто доаѓаат од кејот на Вардар, но не станува збор за наезда од змии туку за инцидентна појава. Високите температури ги измамуваат влекачите на отворено, но многу ретко може да се најдат во градските средини.

Она што може да се прочита за жолтиот смок е дека оваа змија е најголемата во Европа. Обично достигнува должина од 140 до 160 см, но има и примероци долги по 200 см. Најголемата забележана била долга 250 см. Не е отровна и претежно е активна преку ден. Главата продолжува кон телото со дебел врат.

Има округли зеници, 19 реда мазни лушпи во средината на телото (иако ретко се среќаваат по 17). Грбните лушпи имаат по две пори на задниот раб. Средишниот дел на лушпата има посветла боја. Грбната страна од телото е сивокафеава и има белези што се јасно изразени во младоста, но избледнуваат кога единката ќе стане возрасна. Стомачната страна на телото е светложолта или бела.

Жолтиот смок се храни со мали цицачи, гуштери, птици и други змии. Иако не е отровна, оваа змија важи за жестока, бидејќи каса веднаш и без предупредување. Се смета за благотворна во земјоделството бидејќи јаде глодари кои се штетни за културите.

ФОТО: Внимавајте каде се движите, змија се појави во центарот на Скопје

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот