Жителите на Кисела Вода се вклучија во акцијата за собирање кабаст отпад

Фото: Фејсбук

Жителите на Општина Кисела Вода деновиве масовно се вклучуваат во акцијата за собирање кабаст отпад, организирана од локалната самоуправа. Имено, поради фактот што неправилното депонирање на кабастиот отпад е една од најголемите причини за создавање диви депонии, оваа скопска општина деновиве организира масовна акција за собирање и транспортирање ваков вид отпад, кој на граѓаните не им е потребен, сè со цел да се спречи негово неправилно одлагање. Од Општината информираат дека тие ја продолжуваат практиката за собирање кабаст отпад по урбани и месни заедници на територијата на Општина Кисела Вода и ги повикуваат граѓаните да ја искористат можноста и правилно да го одложат отпадот, сè со цел екипите ангажирани за таа намена да можат да пристапат до него и соодветно да го отстранат.

– Поаѓајќи од фактот дека одложувањето кабаст отпад претставува проблем за домаќинствата на територија на Општина Кисела Вода и се одложува на несоодветни локации на територија на Општината, би сакале да ве информираме дека во период од 13 септември 2021 до 24 септември 2021 година во рамките на месните и урбаните заедници на општина Кисела Вода ќе бидат ангажирани одговорни лица и сезонски работници што секојдневно ќе го собираат кабастиот отпад од пред домаќинствата или колективните згради на територија на општина Кисела Вода – велат од оваа скопска општина.

Оттаму објаснуваат дека, секој жител на општина Кисела Вода кој има потреба од ваквата услуга, треба да се пријави до општинските служби за подигнувањето на кабастиот отпад што би го одложил да биде собран соодветно, според однапред утврден план и програма за работа.

– Граѓаните што ќе сакаат да им биде собран и одложен кабастиот отпад, ќе бидат должни да го одложат пред нивниот објект на безбедна локација, со што не би ја загрозиле безбедноста на пешаците, велосипедистите и останатите учесници во сообраќајот кои ќе се движат во тој период. Наталожените диви депонии претставуваат грда слика за Општина Кисела Вода и за нивно отстранување Општината вложува сериозни напори и инвестира сериозни суми што во спротивно би биле искористени за други потреби на граѓаните. Само со одговорно однесување на секој поединец, заеднички ќе можеме да ја одржуваме Кисела Вода чиста и уредена – заклучуваат оттаму.

И градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски побара од граѓаните активно да се вклучат во оваа акција.

– Редовната акција за преземање и за одвезување на кабастиот отпад организиран од општина Кисела Вода продолжува како и секој септември до сега. Апелирам да ја споделите оваа информација за да преземеме поголеми количини на кабаст отпад и соодветно да го одвеземе во депонијата Дрисла. Досега бевме сведоци дека поединци одложуваа кабаст отпад на јавните површини. Службите на општина Кисела Вода скоро секоја недела се соочуваа со диво формирани депонии и ги чистеа. Но да напоменам дека ваквите диви депонии ги дефокусираат капацитетите, наместо да се зафатат со други работи на средување и уредување на зелените површини и улиците – потенцира Темелковски.

Тој потсети и дека Општина Кисела Вода веќе три години располага со сопствени возила за собирање и одвезување на отпад, и цистерни за миење на улиците. Според него, заклучно со пролетната акција за собирање кабаст отпад овие служби имаат превезено околу 800 тони отпад во депонијата Дрисла.

Инаку, вакви слични акции организираат и останатите скопски општини, но во различни периоди од годината, сѐ со цел намалување на неправилното одлагање на ваков вид на отпад.

Интересни се и податоците околу овој проблем добиени од страна на ЈП „Комунална хигиена“ кога во акцијата за собирање кабаст отпад организирана од нивна страна пред неколку месеци, за само пет дена, скопјани исфрлиле околу 650 кубни метри кабаст отпад.

Колку за потсетување, правилното одлагање на кабастиот отпад е исклучително важно бидејќи покрај тоа што со негово неправилно исфрлање се формираат огромни диви депонии, поради поголемите количества железо од кој е направен мебелот, многу често тоа е причина и за негово спалување од страна на несовесни граѓани. Поради ситен профит, тие се одлучуваат да ги запалат старите и дотраени кревети или друг мебел и по неговото согорување од него да добијат одредено количество на железо кое подоцна го продаваат, притоа не водејќи грижа за загадувањето на воздухот и за чадот што го предизвикуваат од ваквите нивни постапки.

Како пример за тоа е и неодамнешната акција на Инспекторатот на Град Скопје кога на депонијата Вардариште затекнаа малолетно лице како спалува мебел токму за да добие железо.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот