Земјоделците разочарани: Зелката се откупува по 6 денари!

Илустративна фотографија / СП. архива

Со скапата нафта, спроведувањето на агротехничките мерки, со драстично зголемената цена на ѓубривата, потоа со вкалкулиран трошок за вода и за работна сила, зелката не може да се произведе по цена помала од 10 денари за еден килограм.

Само 6 денари е сегашната откупната цена на зелката, краставиците се откупуваат по 15 денари, додека доматите се уште ја држат цената. Земјоделците од струмичко велат дека се крајно разочарани од ниските откупни цени и дека сите математики за производство „им паѓаат во вода“.

– Со скапата нафта, спроведувањето на агротехничките мерки, со драстично зголемената цена на ѓубривата, потоа со вкалкулиран трошок за вода и за работна сила, зелката не може да се произведе по цена помала од 10 денари за еден килограм. Но, еве утрово камион се натовари со зелка за по 6 денари за еден килограм. Тоа е катастрофа! Во струмичкиот регион се знае: прво се сади зелка како прва култура, а потоа корнишони и индустриска пиперка како втори култури. На помала површина има домати и пиперки. Со сегашната цена на зелката се доведува во прашање земјоделието во струмичко – вели Ристо Велков, претседател на Здружението „Агросојуз“ од Струмица.

На почетокот на сезоната, пролетната сезона почна да се откупува по 20 денари за еден килограм и земјоделците велеа дека ќе бидат задоволни ако таа не падне под 20 денари, но сега цената е повеќе од 3 пати пониска од нивните очекувања.

– Ако не можат да се покријат трошоците за пролетната зелка, како да се сади втора култура, со кои пари? Сега веќе привршува пролетната зелка и треба да се подготви теренот за корнишоните и индустриските пиперки. Земјоделците велат дека за корнишоните имаат склучено договори и договорени цени, но не и за индустриската пиперка. Стравувам дека оваа година ќе биде проблематична. Од една страна се лошите прогнози во однос на нејзината продажба за домаќинствата, затоа што кој ќе прави ајвар со вакви цени на маслото за јадење, а од друга страна слабата мотивираност на земјоделците, по ова што се случува со пролетната зелка, може да ги остави производствените капацитети без суровина – објаснува Велков.

Велков вели дека е катастрофална состојбата и со краставиците кои се одгледаа под фолиите. Според него, производната цена на краставиците е 20 денари, а тие сега се продаваат на големо по 15 денари.

– Револтира тоа што некаде нашата краставица, купена по 15 денари, се уште се продава по 70 денари. Недозволиво е од нашиот труд толку да профитираат трговците – вели Велков

Тој не е оптимист и во однос на пченицата.

– Владата постојано потенцира дека ќе го стимулира засадувањето на пченицата, но како? Кај нас, временските услови налагаат есенска сеидба, иако е можна и пролетна. Реално, стимулирање на поледелството со субвенции треба се врши во октомври, а не сега да се размислува за тоа, Сега веќе требавме да добиеме субвенции за градинарството, а парите никаде ги нема – вели Велков.

Тој вели дека добро е што од Министерствто за земјоделство велат дека стратегијата на државата е да се зголеми производството на основната храна, но дека треба повеќе разговор со земјоделците и со стручната фела за посоодветна политика, односно за да се знае како тоа да се реализира. Во спротивно, бадијала и да се дели бесплатно земјоделско земјиште, вели Велков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот