„ЗЏМ Колектив“ на „Скопско лето“: Публиката и амбиентот се клуч за добар концерт

Во рамките на програмата на „Скопско лето“ на 13 јули во Сули ан се одржа концертот „Today it’s all about jazz“ на „ЗЏМ Колектив“, на кој беа изведени нови композиции на членови на Здружението на џез-музичари.

Здружението на џез-музичари и слободни уметници – ЗЏМ е основано во 2016 година и од почетокот на својата активност, меѓу другите настапи, го одбележува и Интернационалниот ден на џезот – 30 април. Поради ситуацијата со коронавирусот, годинава џез-денот имаше две одбележувања.

Првото се случи во рамките на програмата „Култура во време на корона“ на Град Скопје, кога „ЗЏМ Колектив“ настапи без публика пред МКЦ, а концертот беше пренесуван со стриминг на интернет. Концертот во Сули ан може да се смета за второ одбележување на денот, бидејќи беше изведен со наслов „Today it’s all about jazz“, а разликата меѓу првиот и вториот концерт ја направи присуството на публиката. Тој момент беше особено важен за музичарите на сцена.

– Секако, присуството на публиката е бесценето. Чувството дека има за кого да свириш, како и можноста за заемно споделување на енергијата е разликата меѓу овие два настапa. Сѐ е различно, би рекол дека во голем процент реакцијата на публиката и амбиентот што се создава на лице место се клучот за добар концерт! – вели Гоце Стевковски од „ЗЏМ Колектив“.

Осум нови композиции на членови на Здружението на џез-музичари беа изведени на концертот. Колективот е со отворен формат, а повремено прераснува во „ЗЏМ Биг бенд“. По само четири години од основањето на Здружението, ефектите се видливи и повеќезначни.

– Мислам дека поттикнавме една нова енергија и направиме многу концерти. Како најзначајно сметам дека е создавањето на „ЗЏМ Биг бенд“, единствен оркестар од тој формат во Македонија, кој имаше неколку брилијантни настапи во МОБ, Филхармонија, „Охридско лето“, „Прилеп џез викенд“. Го основавме и џез фестивалот „Today it’s all about jazz“, што се одржува на 30 април, на кој настапиле сите македонски џез-групи. Биг бендот настапил под диригентство на Зиги Фајгл и Џијан Емин, а гостувале и светските легенди Дон Менза, Лео Геновезе, Хаџиманов, Заберски-Јосифов квартет и многу други.

Меѓу ефектите што ги постигнавме со основањето на ЗЏМ е и зачленувањето во Европската џез-мрежа, каде што сме членки со уште 140 организации. Здружението е составено од професионални џез-музичари, кои се докажани во својата работа, и ужива огромна поддршка, а доказ за тоа е многубројната публика на концертите. Затоа мислам дека медиумите, културните институции и министерствата треба да имаат поголема улога во препознавањето на квалитетот и со тоа да ја дадат соодветната поддршка за македонската култура – посочи Стевковски.

Концертот на „Скопско лето“ ги врати џез-музичарите „во живот“. Покрај искрената благодарност на аплаузот од публиката, тие со еден цитат ја објаснија суштината на нивната работа: „нема музика – не го разбирам животот; има музика – сѐ ми е јасно“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 40, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 18-19 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот