Зборот на Макрон погласен од крикот на европратениците

Фото: EPA-EFE/PHILIPPE WOJAZER

Тоа што Европскиот парламент ја усвои резолуцијата за Македонија и повторно побара започнување на преговорите со ЕУ во никој случај нема директно да влијае врз негативната одлука што неодамна ја донесе Европскиот совет. Ова го тврдат политичките аналитичари кои објаснуваат дека декларацијата нема обврзувачка директива и таа не може да му наметне на Европскиот совет да ги одмрзне преговорите со земјава или да го поништи ветото на Франција. Според експертите, ваквиот потег на мнозинството европратеници претставува само предупредување до францускиот претседател Емануел Макрон да не ја повтори истата грешка на следниот самит, но исто така значи и давање поттик на Македонија и на Албанија да не се деморализираат во насока на трасирање на европскиот пат. Резолуцијата завчера беше изгласана со 412 гласа „за“, 136 против и 30 воздржани.

Порака до Париз

 

Премиерот Зоран Заев изрази благодарност до Европскиот парламент за донесената резолуција со која се бара итен почеток на преговорите со Македонија и со Албанија.

– Домот на европската демократија повика дека проширувањето е инструмент од исклучително значење за дополнителна европеизација на земјите што природно ѝ припаѓаат на Европската Унија. Македонскиот народ заедно со сите свои сограѓани Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и други, ќе работи уште повеќе за да си ја направи земјата поубаво место за живеење, европско катче на мултиетничкиот Балкан – истакна Заев.

Европската Унија, додава тој, знае дека нашето место е во европското семејство.

– Ние сме и ќе бидеме подготвени за нивната позитивна одлука – порача Заев.

Политичкиот аналитичар Насер Зибери, пак, вели дека усвојувањето на резолуцијата од страна на Европскиот парламент претставува своевиден притисок врз Франција, но тоа во никој случај не значи дека преговорите со Македонија ќе се одмрзнат.

– Според правилата на Европската Унија, одлуката секогаш ја носи Европскиот совет, а во нашиот случај тој се изјасни како што се изјасни. Ова е на некој начин создавање општ став дека одлуката на Париз беше погрешна. Оваа резолуција е повеќе во насока на предупредување на следниот самит да не се повтори истата грешка. Исто така, со овој потег им се дава поттик на Македонија и на Албанија да не се деморализираат во насока на трасирање на патот кон ЕУ. Европскиот парламент само се обидува да создаде позитивна клима, но треба да ни биде јасно дека спектакуларни пресврти не треба да очекуваме. Резолуцијата нема обврзувачка директива и таа не може да му наметне на Европскиот совет уште еднаш да се наврати на преговорите – објаснува Зибери.

Рамо за плачење

 

Универзитетскиот професор Јове Кекеновски на усвоената резолуција гледа само како на утеха, но и како на обид за извршување притисок врз Европскиот совет да ја коригира својата одлука.

– Факт е дека одлуката на Советот не може да се коригира до следниот самит, но од друга страна, пак, ако европратениците беа толку искрени и загрижени за нас, тогаш најмалку што можеа да сторат е да му наложат на Советот да реагира побрзо. Во секој случај, не треба да очекуваме никакви пресвртници, но останува на нас да се тешиме и да се радуваме поради тоа што имаме голема поддршка. Меѓутоа, што и ако понатаму остане крутиот став на францускиот претседател Емануел Макрон? Ние сега треба да работиме на омекнување на Макрон и да видиме што понатаму со пакетот Албанија-Македонија. Копјата сега се кршат на две полиња. Едното е спротивставувањето на Макрон, а второто е заедничкиот влез во ЕУ на Македонија и на Албанија – вели Кекеновски.

И поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски смета дека резолуцијата на Европскиот парламент може да биде само утеха, бидејќи, како што објаснува, парламентот нема никаква улога во овој процес.

– Паралелно и Италија најави слична иницијатива, меѓутоа таа исто така не може да донесе промени. Овие настани можат да ни годат и да нè залажуваат со тоа што се создава колективен впечаток, но сепак, конечните одлуки секогаш ги носи Европскиот совет, кој, за жал, си го кажа своето. Ние мораме сега да се посветиме на реформите, бидејќи францускиот амбасадор Кристијан Тимоние е апсолутно во право кога вели дека малку сме направиле. Пречка за спроведување на реформите сега ќе бидат и најавените парламентарни избори, а тоа практично значи дека шансите за да направиме нешто до следниот мај се никакви – објаснува Никовски.

Кацарска: Резолуцијата не е решавачка

 

Извршната директорка на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска, во интервју за Радио Слободна Европа вели дека француската позиција во однос на проширувањето нема преку ноќ да се промени.

– Овие обиди во овој момент да се влијае, ги гледам повеќе како симболични, особено на Европскиот парламент имајќи предвид дека ние имаме искуство во кое ЕП од 2002 година секојпат го поддржуваше отворањето преговори со нашата земја. Оваа резолуција е малку поинаков карактер поради здруженоста на скоро сите сили во парламентот, меѓутоа не мислам дека може да биде ниту решавачка, ниту пак значително да влијае на брзината – вели Кацарска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот