Запуштени зеленила: Косачите косат, а Скопје со треви од половина метар

Фото: Слободен печат

Граѓани од сите делови на Скопје реагираат дека населбите се обраснати со трева и грмушки, дека надлежните не го косат и не го уредуваат зеленилото, а по социјалните мрежи се споделуваат фотографии со кои скопјани ја илустрираат состојбата на терен. На зеленилото годинава му погодува и влажното време, но очигледно е дека ЈП „Паркови и зеленило“ и општинските комунални служби не си ја вршат одговорно работата за која се платени.

Зошто е тоа така и зошто годинава се дозволи тревите на јавните површини да пораснат до половина метар, не се расположени да одговорат ниту од јавното градско претпријатие, ниту од повеќето општини, иако од сите побаравме објаснување.

Одржување на зеленилото на територијата на општина Аеродром е во фокус на пролетните активности за уредување на општина. Во согласност со расположливите капацитети на општината и временските услови, службите на Општина Аеродром се присутни во сите населени места и во изминатиот период започнаа активности кои се уште се во тек за косење на зеленилото. Апелираме до граѓаните за трпение и уверуваме дека во најскоро време, зелените површини во Аеродром ќе бидат целосно уредени – велат од Општина Аеродром.

Од Кисела Вода тврдат дека интензивно се работи на уредување на зеленилото и на одржување на чистотата на нивната територија, за што, како што велат, говорат многубројните акции што ги преземаат.

Изготвивме акциски план за косење на тревните површини низ сите 15 месни и урбани заедници и од понеделникот започнавме со негово спроведување. Ова не е прва акција периодов и нашите служби повеќепати излегуваа и интервенираа. Реагираме и по дојави на граѓани, доколку се забележи некој запуштен простор што поради некоја причина бил изоставен. Сепак, сакаме да ја информираме јавноста дека имаме чести забелешки за неискосена тревна вегетација на површини што не се во наша, туку во надлежност на градот Скопје. За жал, поради нивното непостапување, се создава неуреден изглед на цели области во општината, па нашите служби излегуваат во пресрет и работат и во делови каде Градот има надлежност и е должен и платен за да интервенира – објаснуваат од Општината.

Оттаму додаваат дека заедно со акцијата за косење, Општина Кисела Вода го чисти и комуналниот отпад, а општинските служби бесплатно го подигнуваат и кабастиот отпад, за што се пријавиле 210 семејства.
Карпошани велат дека и во нивната општина дури деновиве „срамежливо“ започнале да брмчат косилките. Од Општината, пак, тврдат дека се постојано на терен, но дека располагаат со мал број косачи.

Општинската служба за одржување на зеленилото е постојано на терен и работи со полн капацитет, секој работен ден од 8 до 16 часот. Сепак, со оглед на фактот дека општината располага со 16 косачи, а пролетта е „најкритичниот“ период кога тревата многу брзо расте, се случува да не може да се стигне секаде навреме за да се интервенира – објаснуваат од Општина Карпош.

Некои од општините во своите објави на Фејсбук се пофалија дека започнале со косење. Во текот на изминатите два дена работниците од комуналниот пункт во Ѓорче Петров работеле на неколку локации низ општината, меѓу кои во населбата Хром и во населбата Даме Груев.

Се работеше на косење на тревата, кастрење на гранките онаму каде што попречуваа движење на патеките, како и поправка на одреден дел од урбаната опрема којашто е поставена во парковите – информира градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

Според него, во согласност со временските услови, во наредните денови ќе продолжи уредување на зелените површини низ целата општина и ќе се работи на дополнително облагородување на парковите и на детските катчиња.

Фото: Слободен печат

И низ општината Бутел започна уредување на зеленилото, каде тревите се косат низ населените места, училишните дворови, детските игралишта и парковите. Оттаму информираа дека акцијата за косење на тревата и кастрење на дрвјата ќе продолжи и во наредниот период за да можат граѓаните безбедно да ги користат зелените површини и парковите.

Најголемо незадоволство имаше од жителите на Центар, кои реагираа дека, на пример, паркчето спроти „Нова Македонија“ е со толку порасната трева што не се гледаат ниту клупите ниту кантите за отпадоци. Комуналните служби задолжени за одржување на зеленилото и на хигиената на просторот во Центар од неодамна преминаа во ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.

Секторот за јавна комунална хигиена при ЈП ПОЦ редовно ги извршува зададените задачи и активности согласно предвидените програма и план за работа. Општината е поделена во реони и се работи етапно во рамки на овие реони, а изминатиот месец беше започнато со косење. Треба да се има во предвид и дека периодов вегетацијата да е побујна од вообичаеното, што можеби е причина како што велите, за поплаките со косењето во сите општини. Без разлика на ова, нашите вработени работат непречено и во најскоро време ќе бидат реализирани сите јавни површини под надлежност на Општина Центар – објаснуваат од ПОЦ.

Единствената информација која стига од ЈП „Паркови и зеленило“ во врска со израснатото зеленило е дека дури и директорот Сефи Шабани вчера направил увид на терен за тоа како се одвиваат активностите на косење на тревата.

Масовното косење на нараснатата трева периодов го вршиме секојдневно со зголемен интензитет. Со максимално ангажирање на сите расположливи ресурси посветено ги реализираме пролетните активности, со цел уредени и чисти јавни зелени површини – објавија од претпријатието.

Кога конечно ќе се уредат тревнатите површини, надлежните би требало да се ангажираат и со поткастрување на гранките на дрвјата покрај булеварите и улиците, кои буквално удираат во градските автобусите. На Партизанска, пак, некои гранки се толку ниски што пешаците мора да се поднаведнуваат за да поминат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот