ЗАПОЧНУВА АКАДЕМСКАТА ГОДИНА: Изнајмувањето на стан во просек чини 200 евра, но студентите мора да внимаваат и на овие трошоци!

Студентите сè повеќе ги разгледуваат огласите за наем на станови во Скопје, но честопати не се свесни за месечните трошоци што ги чекаат. На цената влијаат локацијата, квадратурата, но и месечните трошоци за комунални услуги, кабелска телевизија и Интернет, електрична енергија и слично.

Цените за изнајмување се зголемија, како што објаснуваат експертите од пазарот, заради зголемениот број станови што се изнајмуваат на ден. Има помалку станови кои се издаваат на подолг период, а сега од септември е „ударен“ период кога повеќето студенти се враќаат во главниот град за да продолжат со студиите.

Поради тоа „Слободен печат“ направи истражување во врска со недвижностите, при што забележавме пораст на понудата на станови и нивната побарувачка во овој период.

– Во моментов имаме зголемена побарувачка од страна на студентите кои се школуваат во Скопје. Нивните барања се различни, но во принцип сите бараат станови во близина на универзитетите и факултетите на кои студираат со цел да ги намалат трошоците за превоз. Има побарувачка на гарсониери, еднособни станови, двособни и поголеми, а тоа зависи дали некој сака да живее сам или со цимери. Цената варира од големината на станот, па така во централното градско подрачје започнува од 150 евра, па нагоре – велат од Агенцијата за недвижности, „Домик недвижности“.

Во пракса, најбарани за студентите се и малите станови до 40 метри квадратни, бидејќи нивната цена за изнајмување се движи од 150 до 200 евра месечно.

Во цената влијаат и другите фактори – локација, квадратурата и месечни трошоци за одржување.

– Дали станот има централно греење, или колку се трошоците за станот, се некои од факторите при изборот, затоа што оној што плаќа, ги има трошоците. Оние што бараат поевтини станови од 150 до 200 евра, не можат да ги најдат во центарот, бидејќи становите со пониска цена се надвор од центарот – додаваат од  „Домик недвижности“.

На пример, за помал стан од 30 метри квадратни, треба да се пресмета сметката за комунални услуги од околу 4.000 денари. Сметката за електрична енергија е минимум околу 1.000 денари, но опфаќа скоро само претплата и многу мала потрошувачка.

Услугите на кабелскиот оператор и на Интернет чинат околу 1.000 денари месечно, во зависност од пакетот, а тука треба да се додаде и сметката за вода која е исто околу 1.000 денари, како и цената за одржување на влезот.

„Слободен печат“ разговараше и со студентите во врска со оваа тема и кои се нивните барања при изнајмувањето на стан пред почетокот на академската година.

– Како студент од друг град, при барањето на стан во Скопје, она што ми е најважно е станот да се наоѓа што е можно поблиску до факултетот. Најчесто станови бараме со цимери и тоа со цена до 200 евра плус сметки. Она што ми е важно е станот да ги има основните услови за живот, како и по можност централно греење. Сметам дека ова се некои од основните побарувачки речиси на сите студенти кои доаѓаат од други градови – вели студентот Горан кој доаѓа од Штип.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот