Замолчи веќе Екатерина!

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Ако Захариева сака да не замолчи, не мора и нашите да не замолчуваат. Демек од тоа што јавноста коментира и и се потсмева на глупостите и на навредите на Захариева, Македонија нема да стане членка на ЕУ?

Како основно, во Македонија има слобода на говор и на медиуми. Тие не се контролирани од власта, и не знам што очекува госпожа Захариева дека ќе направи, ако кука по Европа и по бугарските независни или „независни“ медиуми, дека имало говор на омраза и некаков сексизам за кој немало место во Европа. Министерката Захариева може да зборува за говор на омраза само ако тој постои во институционална форма, ако такво нешто е содржано во образованието, во администрацијата, ако такви изјави даваат официјални лица на државата, онака како што таа си дозволува да зборува и омаловажува, не само во медиумите туку и на официјални прес конференции. Се друго е слобода на говор. Ако сака преку нашата Влада да издејствува молк во јавноста, и ако во тоа успее, ќе биде срам за нашата власт.

Владините луѓе смеат да молчат и да бидат „возрасни“, никој тоа не им го брани. Но, тие не смеат тоа да го бараат од јавноста, а уште помалку да казнуваат. Колку тие повеќе молчат, толку повеќе Бугарите зборуваат. Ако тие не сакаат да му кажат на бугарскиот двоец дека е доста со навредите и лагите, тогаш нека остават јавноста тоа да го каже: „Замолчи веќе еднаш Екатерина!“ Ти очигледно не работиш на зближување на двата народи и тебе треба најпрвин твоите сограѓани да те замолчат.

Но, очигледно Бугарската Влада решила на тој начин да ја турка антимакедонската кампања и дома, и во рамки на Унијата.

За разлика од нив нашата дипломатија невидено европски дејствуваа и постигна максимален успех, колку објективните околности го дозволуваа тоа. Поради тоа Македонија се стекна со исклучително висок рејтинг во европската јавност. Колку и да изгледа противречно, во тоа свој голем придонес имаше и тотално неевропското однесување на бугарската дипломатија кое не наиде на разбирање во европските медиуми и коментари на експертите и на претежно поранешни, но влијателни функционери и политичари.

Оттаму се чини дека македонската дипломатија „дипломатски“ подобро работи, одошто јавно настапува. Затоа што понекогаш молчи кога треба да зборува и обратно, млати празна слама кога треба да молчи.

Ако досега, молчеа, нека молчат и натаму. Што ги спопадна наеднаш, по ветото од Бугарија, (или од ЕУ), да истрчаат со нивните познати банални флоскули „Немаме план Б“, „Македонија нема алтернатива“! Дури и да е така. Кон кого се упатени тие пораки, кон домашната јавност, или до европската? Ако е до нашата, зошто, се плашат дека ќе се развие евроскептицизам во Македонија? Па што, тие се најмалку виновни за тоа. Нека му ја мисли тој што создава такво расположение, кое секако е легитимно. Ако е пак порака до европската политчка јавност, не знам што дипломатски има во неа? Демек ние без вас не можеме, иако вие не не сакате!!! Тоа е детски, а не возрасно однесување.

„Возрасна“ власт не смее да создава мнение во домашната јавност дека е стратегиски соочена со ќорсокак, дека државата нема алтернатива. Тоа не е рационално, ниту корисно. Секоја власт, секоја држава, секој човек мора да има, а ако нема да создава план Б. Тој не мора да отстапува од планот А, но мора да се адаптира и сообрази со дадената реалност.
Инаку ваквите изблици на безизлезност создаваат немир кај граѓаните.
И во дипломатијата како и во животот има моменти кога треба да се дејствува, кога треба да се молчи, кога треба да се зборува и понекогаш кога треба да се удри на маса.
Само треба да процениш кога.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот