Замениче, ви се брза на кафе во Приштина?

Граѓаните имаат и други причини за патување надвор од државата, некои се за добро, а некои и за поитни и посуштински причини.

Интересот на граѓаните за отворање на границите не стивнува уште од средината на летото. Ако не подалеку барем во регионот. Но состојбата со Ковид 19 ја комплицира состојбата и сите обиди за излегување надвор од границите на сопствените држави се безуспешни.
Министерот за здравство, Венко Филипче пред ден- два изјави дека има големи шанси да се отворат границите со земјите од регионот во ист момент и тоа без ПЦР тестови. И веројатно одреден број граѓани тоа и го очекуваат, од најразлични причини.
Колку што можевме да разбереме од неговата изјава сепак не е потребно да се избрзува, затоа што како што вели останатите земји немале широк начин на тестирање, како што сме имале ние. Тоа според него значи во државата се тестираат дури и луѓето кои што биле во ризик, а немаат симптоми се со цел да се види да не се случи да има асимптоматски носители. Со такво широко тестирање, министерот посочи дека се штитат и сите луѓе околу позитивните.
Дополнителна причина е и тоа што се чека на набавка на брзи тестови за корона вирусот кои даваат резултати и за 15 минути, а кои ќе ги има и на граничните премини.
Очигледно договарањето се однесува претежно за земјите од регионот но не и на членките на ЕУ. Или откако ќе се разменат сите информации за точната епидемиолошка ситуација во секоја од земјите од Западен Балкан плус Бугарија и Грција.
Но неговиот „тазе“ заменик Илир Хасани охрабрен од најавите побрза да објави дека многу скоро ќе може „да се оди на кафе“ во Приштина без ПЦР тест за коронавирус. Или како што објави на својот профил на Фејсбук:
„Многу скоро, кафе во Приштина без ПЦР тест“, напиша Хасани.
Ngadalë doktori Хасани, има време ќе пиете кафе! Не е само кафето главна причина за отворање на границите, вие како заменик министер и уште повеќе како искусен лекар тоа сигурно го знаете. Граѓаните имаат и други причини за патување надвор од државата, некои се за добро, а некои и за поитни и посуштински причини.
Граѓаните сепак треба да знаат дека секоја од земјите има и свои специфики кои не се идентични со останатите.
На пример Американската амбасада во Косово во известувањето им укажува на своите граѓани „да го одложат своето патување во оваа земја, затоа што Косово останува сеуште под режим на нивото 4 според американското Health Advisory, што значи „Не патувајте поради Ковид 19“. (Level 4: Do not travel to Kosovo due to COVID-19. Exercise increased caution in Kosovo due to terrorism. Some areas have increased risk.)
Понатаму се вели: „Здравствената состојба се влошува, а јавните институции се борат да останат во чекор со потребите. Можно е граничните ограничувања да бидат повторно наметнати, а честите промени предизвикуваат конфузија на аеродромите и границите.“
Во Србија пак Д-р Предраг Кон ги ревидира официјалните податоци за смртност од Ковид 19. „До јуни, имаше три пати повеќе смртни случаи отколку што беше објавено во писмена форма“, рече Кон.
Според БИРН пак, 632 пациенти починале од вирусот во Србија од 19 март до 1 јуни 2020 година, што е за 388 повеќе од официјално објавениот број за тој период.
И останатите земји во регионот имаат свои проблеми и свои специфики вклучувајчи ја и Македонија, па затоа е потребна и сооодветна стратегија и усогласување меѓу сите нив.
Оттаму желбата и намерата на Д-р Хасани е разбирлива, но сепак добриот лекар е сега политичар и ќе треба да повнимава на изјавите кои ги пушта во јавноста, макар тие биле објавени и на социјалните мрежи.
Ако не поради граѓаните, барем поради координација со министерот. За да нема коментари од типот „повторно разногласие во Владата на Заев“.
Инаку Д-р Илир Хасани на функцијата заменик министер за здравство доаѓа од позицијата директор на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот