Заев: Пописот ниту ќе даде некому право плус, ниту ќе одземе

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Премиерот Зоран Заев денеска повторно ја повика опозицијата да учествува во пописот и рече дека оваа статистичка операција е преважна. Од пописот, според него, ќе произлезат информации кои се неопходни за развојот на државата.

– Вистински патриотски партии кои што се грижат за својата земја не бојкотираат попис, не изнаоѓаат начини за собирање на потписи кога можат само со еден пратеник овде да го оспорат законот. Вистински партии во земји во кои 20 години нема попис од кои било причини, 20 години сме останале без попис, се вклучуваат внатре и учествуваат комплетно заради тоа што оваа статистичка операција насушно и треба на државата за секој нејзин иден план, рече Заев.

Нагласи дека СДСМ нема никаква намера да се инволвира во пописот од партиско-политички аспект. СДСМ, како што рече, повика и учествува во пописот, СДСМ нема никакви амбиции да реди, да мести попишувачи.

Премиерот Заев Заев ги повика членовите на СДСМ кои, како што рече, се 80.000, да се јават во  пописните комисии. Заев додаде дека очекува да се јават и од ВМРО-ДПМНЕ, како и сите наши граѓани, пред сè, стручни лица да се јават на пописот.

Според премиерот Заев, пописот ни е потребен зошто во нашето мултиетничко општество треба да се знае точната бројка на население по старост, по етничка припадност, по работоспособност на население, итн.

– Отворено повикувам да застанеме заедно, пред сè, како граѓани затоа што пописот е важен за секоја земја која немала попис и сметам дека треба да се заврши пописот во државата, рече Заев.

Тој во Собранието нагласи дека немаат ниту јавни, ниту скриени, ниту било какви заткулисни намери за пописот.

– Пописот ниту ќе даде плус право некому, ниту ќе одземе некому право. Само ќе ги констатира состојбите во државата, оцени премиерот Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот