Заев не отстапува од оставката, Ахмети не прифаќа нов премиер

Ахмети, Заев, Фото: Драган Митрески

Се интензивираат средбите меѓу владините партнери, кои треба да решат дали ќе предложат нов мандатар, односно дали се за зголемување на парламентарното мнозинство, пред Зоран Заев да ја депонира оставката од премиерската и од лидерската функција во владејачката СДСМ. Владини извори потврдиja за „Слободен печат“ дека Заев треба да има состанок и со лидерот на опозициската Алтернатива, Африм Гаши, за окрупнување на владината коалиција. За денеска е најавен состанок на премиерот во заминување со лидерот на Беса, Билал Касами.

Очекувањата се дека најдоцна до крајот на следната недела ќе биде познат новиот мандатар, по што Заев ќе ја ефектуира оставката до Собранието. Од кабинетот на премиерот завчера потврдија дека Заев нема намера да одолговлекува со поднесувањето оставка од државната и од партиската функција, по информациите дека е постигнат некаков договор тој да остане на функцијата до декември годинава.

Сепак, продолжува неизвесноста за тоа дали власта ќе го зголеми мнозинството и дали сега Заев ќе ги убедува владините партнери Али Ахмети и Касами да прифатат нов мандатар, бидејќи двајцата лидери, затечени од оставката на премиерот, остануваат на позицијата дека тој треба да ја предводи Владата.

Од двете партии велат дека нивните позиции се непроменети и дека за нив е неприфатлива оставката на Заев, но нејасно е дали ова ќе значи и предвремени парламентарни избори наместо избор на нов мандатар и влада со постојното парламентарно мнозинство.

Османи: Прво претседател на СДСМ, па премиер

Сметам дека нема да има предвремени избори, ниту граѓаните ниту државата имаат потреба од нешто такво, изјави министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ Бујар Османи за Алсат-М. Според него, во моментов е потребна рационалност и издигнување над емоциите и лични ставови, бидејќи некои одлуки може да ја донесат судбината на сите граѓани под знак прашалник.

– Премиерот има одговорност за договорот постигнат со коалициските партнери и треба да останеме доследни на тој договор. Мислам дека во моментот нема друга личност, која толку брзо ќе може да создаде единство, било внатрепартиско, било внатре во коалицијата. Тоа што може да го направи премиерот е да го почне процесот на избори внатре во партијата. Ако евентуално биде избран некој друг претседател, тогаш може да ја преземе и премиерската функција – вели Османи.

Од ДУИ во брифинг за „Слободен печат“ веќе навестија дека ако Заев поднесе оставка, можни се избори, но за тоа нема официјална потврда. Се шпекулира дека можно излезно решение би било Ахмети и Касами да прифатат нов мандатар, но и договор за датум за предвремени парламентарни избори.

– Владата има мандат, треба да продолжи со работа и се очекува зголемување на владејачкото мнозинство. Потребна е само реконструкција на Владата – го кажа својот став Касами во гостување на ТВ21.

Од Беса не откриваат дали Касами ќе се согласи со оставката на Заев, дали ќе предложат мандатар или оставката на премиерот ќе предизвика нивно излегување од Владата.

Во Алтернатива ќе бараат оставка од Гаши?

Неизвесно е и окрупнувањето на владината коалиција со опозициската Алтернатива. Од партијата ја демантираат информацијата за договорена средба на Заев со Гаши, а за можниот влез во Владата велат дека е во тек внатрепартиска дебата за изборниот резултат и кога таа ќе заврши, ќе се разговара за импактот на Алтернатива во други процеси. По изборниот пораз, партиски функционери брифираат дека ќе бараат оставка од лидерот Гаши и дека тој ништо не може да му вети на Заев пред да даде отчет за поразот. Според ова, доколку Гаши се согласи да влезе во Владата, нејасно е дали освен него и другите тројца пратеници од Алтернатива би биле дел од владејачкото мнозинство.

Од функционери од СДСМ, пак, дознаваме дека никој освен Заев не знае што точно ќе се случува и во Владата и во партијата. Наводно, тој по оставката се затворил и не комуницира со членови на партијата.

„Процените се дека тој прво ќе заврши со новата ситуација во Владата по неговата оставка, а потоа со партијата. Но извесно е дека ќе следува големо прочистување и во Владата и во партијата. Се очекувањата 90 отсто од актуелното раководство на СДСМ да отпадне од комбинациите и за „Илинденска“ и за партијата, велат нашите извори од СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот