Зоран Заев
Зоран Заев / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Заев идната недела заминува од Владата?

Бидејќи нема никакви надежни информации дека Софија ќе го тргне ветото, речиси е извесно дека Заев следната недела ќе замине од функцијата претседател на Владата.

Премиерот Зоран Заев следната недела ќе ја активира оставката од функцијата премиер, ако Бугарија в четврток, на Советот за општи работи во Брисел, повторно стави вето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, вели за „Слободен печат“ извор од кабинетот на Заев. Ако, пак, на Самитот на ЕУ има позитивни сигнали, Заев ќе замине од Владата најдоцна до 15 јануари, како што веќе најави. Бидејќи нема никакви надежни информации дека Софија ќе го тргне ветото и дека, сепак, ќе даде зелено светло за Македонија да ги почне преговорите со Европската Унија, речиси е извесно дека Заев следната недела ќе замине од функцијата претседател на Владата.

На внатрепартиските непосредни избори во владејачката СДСМ што се одржаа вчера, Димитар Ковачевски однесе убедлива победа над противкандидатите Јован Деспотовски и Фросина Ременски и стана новиот претседател на СДСМ – на местото на Заев – и тој, според најавите, ќе биде и новиот мандатар. Ако се случи тоа, тогаш најверојатно ќе се забрза со изборот на новата влада, сега засилена со новиот партнер Алтернатива.

Примопредавањето на функцијата претседател на СДСМ помеѓу Заев и Ковачевски е планирано за утре, среда, кога завршуваат жалбените рокови во врска со внатрепартиските избори. Најверојатно оставката на Заев од премиерската функција ќе го наруши редоследот на процесите во партијата. Ковачевски веднаш откако стана лидер на СДСМ изјави дека прво ќе се одржи конгрес, па потоа избор на членови на Централниот и на Извршниот одбор, како и на новото партиско раководство.

– Централниот и Извршниот одбор се избрани пред само седум месеци, меѓу нив има многу професионалци, но ќе го искористам статутарното право да кооптирам мои предлози за членови во тие тела и потоа да пристапиме кон формирање на раководството на партијата – објасни Ковачевски.

Според наши информации, оставката на Заев идната недела ќе го забрза изборот на Централниот и на Извршниот одбор како и на партиското раководство, а конгресот ќе биде кон крајот на јануари. Отчетниот или конгресот на доверба, кој партијата го одржува по секои избори, ќе беше интересен доколку Заев не поднесеше оставка од функцијата претседател на СДСМ, бидејќи партијата ќе требаше да му гласа доверба.

Најавите се дека до Нова година Ковачевски ќе го свика Централниот одбор, на кој ќе кооптира 10 нови лица и ќе биде избрано новото раководство на СДСМ – четири потпретседатели, генерален секретар, организациски и секретар за меѓународна соработка. Неофицијално, нов генерален секретар на партијата се очекува да биде Миле Зечевиќ, кој се откажа од кандидатурата за претседател на партијата.

Ако Бугарија повторно стави вето за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ и ако Заев следната недела замине од премиерската функција, тогаш ќе почнат да течат уставните рокови за нов мандатар. Заев за оставката писмено ќе треба да го извести претседателот на Собранието Талат Џафери, а неговото повлекување ќе значи и оставка на целата Влада. Потоа претседателот на државата во рок од 10 дена треба мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Тоа најверојатно ќе биде Ковачевски, бидејќи по договорот помеѓу Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши, парламентарното мнозинство брои 64 пратеници. Мандаторот, во рок од 20 дена, треба до Собранието да достави програма и состав на новиот владин кабинет. Секако, Ковачевски може да ги скрати тие рокови. Тој веќе изјави дека почнале со предлози за нови министри. Освен заминувањето на министерот за здравство Венко Филипче – по влегувањето на Алтернатива во власта – засега нема официјална потврда дали и некој друг министер од СДСМ ќе замине од „Илинденска“, но извесно е дека промени ќе има. Кај ДУИ засега не се очекува министерски смени, освен рокадата на Јетон Шаќири од Министерството за информатичко општество во тоа за земјоделие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот