Заборавивте дека Тито ви го испра фашистичкиот срам, комшии Бугари?

Соња Христовска Угриновска
Соња Христовска Угриновска

Народот ќе ви каже дека помни како му беше убаво за време на Тито, а каков хорор ви беше вам во времето на Тодор Живков и дека токму затоа Тито уште ве боли

Ако името на клубот „Цар Борис Трети“ е проблем, тогаш гимназијата во Скопје што го носи името „Јосип Броз Тито“ е многу поголем проблем, одвали завчера бугарскиот технички министер за надворешни работи Николај Милков! Не објасни точно во што им е проблемот со Тито, ама не од што не знае, туку затоа што мора да не знае. Мора!

Оти, ако бугарски политичар, не дај Боже, покаже дека навистина знае, тоа ќе значи еволуирана бугарска свест за цивилизациската потреба државата Бугарија да се покае за фашистичката окупација врз Македонија и дел од Србија во 1941 година, за потребата да се извини за геноцидот врз македонските Евреи од 1943 година, да ни ја плати воената репарација од 25 милиони долари и, конечно, да го признае македонското малцинство за што самата се обврза во Парискиот мировен договор од 1947 година како губитничка страна во Втората светска војна на која сојузниците победници сепак ѝ го дозволија правото да биде меѓународен субјект и признаена држава.

Да не им пречи Тито на Бугарите, впрочем, затоа што токму Тито им помогна да имаат држава, да ја создадат новата Бугарија, откако, пак, токму цар Борис им го урна царството кога му седна на Хитлер во скутот?!

А многу им помогна затоа што им дозволи да се борат против Германците, како што самите му побарале, за да си го исперат срамот. А срамот не ги фати зашто го имаат, туку поруменија од несопирливиот влез на руската Црвена армија што ги принуди „преку ноќ“ да сменат страна и да се борат против довчерашниот сојузник. За да ги има. За да станат „нови“.

Тито сведочеше дека бугарски вицепремиер и армиски генерал лично го молеле да дозволи бугарската војска да учествува во завршните операции против Германците. Тој многу се мислел, свесен дека соработката со трупите на тазе преименувата бугарска Народна армија нема лесно да помине кај македонскиот народ и дека политички, во дадениот момент, тоа ним ќе им донесе повеќе штета отколку полза. Сепак им дозволил, во име на иднината и на балканската федерација за која сонувале сите комунисти пред војната и во која требало да влезат тогашна ФНРЈ, Бугарија, Албанија, а подоцна и северна Грција, па и Романија. „Имајќи го предвид развојот на добрососедските односи помеѓу нашите две држави, особено за олеснување на меѓународната положба на нова Бугарија, а и сметајќи дека учеството на бугарската војска во заедничките операции може да биде корисно, дадов позитивен одговор“, сведочел Тито. Во писмото со благодарност до него, бугарските власти му воскликаат дека бугарскиот народ учи на нашиот светол пример и се чувствува виновен кон југословенските народи, особено кон македонскиот и српскиот, што дозволил Германија да го направи поробувач, а од бугарската војска да направи Хитлерова балканска полиција. Но, благодарноста бугарска траела кратко, а повоените Бледски договори за добрососедство и за меѓусебна помош Софија за час ги фрли на буниште, освен, секако, делот во кој Југославија им го простува плаќањето на репарацијата, во име на соработката.

И така…

По ексминистерката Екатерина Захариева, која ни измудрува дека Македонија не може да влезе во ЕУ сè додека го слави мрачниот диктатор Тито, сега некојси министер Милков ќе ни кажува дека мора да го обожаваме нивниот цар Борис Трети, на Хитлер сојузникот. А за тоа време Бујар Османи се преправа во „некојси“ и додека е на пауза од функцијата министер за надворешни работи на Македонија дозволува „добрососедска“ Бугарија најгрубо да ни се меша во внатрешните работи. За нив тоа можеби и не е мешање во туѓото, туку поправање на своето, но за Македонците денешното отворање на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид е тешка провокација и непријателски чин, а за Евреите, пак, е повампирување на фашизмот, ни помалку ни повеќе.
Османи може да се преправа дека не е од овде кога треба да се бранат интересите на народот што го храни, но Македонците знаат со колку крв платиле за денешната слобода и колкава е заслугата и на Тито, каков и да е, во таа слобода.

И затоа, Милков, народот и без министер ќе ви каже дека во секој град живее името на Тито, кој јавно го мразите, а потајно ем го сакате, ем му благодарите. Не е само скопската гимназија со назив Јосип Броз, во Струмица има и булевар и основно училиште Маршал Тито, но и во Струга и во други градови има плоштади, споменици, улици со тоа име (најстарата улица во Кочани, пред четири години си го врати првичното име Маршал Тито откако претходно беше преименувана во ВМРО, на општо задоволство на кочанци)! Народот ќе ви каже и дека помни како му беше убаво за време на Тито, а каков хорор ви беше вам во времето на Тодор Живков и дека токму затоа Тито уште ве боли.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот