За неколку години ќе нема кој да предава физика, географија и биологија

Фото: Драган Митрески - Слободен печат

За некоја година во државава ќе нема кој да им предава на основците и средношколците физика, географија, биологија, но и математика и хемија. Никој од младите не сака да биде наставник. На факултетите кои продуцираат кадри за наставници по овие предмети има по неколку студенти, на некои насоки има само по еден студент, а некои учебни години се случува дури и да нема заинтересирани студенти за одредени професии. Министерството за образование е свесно за проблемот и вели дека ќе ги стимулира младите со стипендии  да се запишуваат на Факултетот за ветеринарна медицина, на Земјоделскиот факултет, но и на Природно-математичкиот за да не се случи да нема кој да им предава на основците во земјава.

– Министерството за образование и наука стимулира упис на млади на високообразовни установи кои не продуцираат доволно кадар, односно истиот е дефицитарен во земјава и не ги задоволува реалните потреби. По овој основ се доделуваат стипендии за различни студиски програми од областа на информатичко комуникациските технологии, математиката, физиката, хемијата, а во оваа последна академска година се воведоа и доделија и стипендии за оние кои ќе се запишат на студиски програми и од областа на земјоделството, ветерината и шумарството и се во износ од 18.000 денари на месечно ниво- велат во МОН.

Од таму објаснуваат дека воведени се и стипендии за упис на студиските програми за превод од македонски на албански и обратно, како и за студирање на  студиски програми по историја на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија.

-Паралелно, согласно буџетските можности се поддржува и процесот на модернизација на условите за настава на високообразовни установи. Секако, потребна е и иницијативност и заложба и од страна на самите факултети- велат во ресорното министерство.

Од друга страна Македонија по број на редовни професори на универзитети доминира во светот. На ниту еден престижен факултет во светот нема толкав број на редовни професори. Само 5 до 10 отсто од сите универзитетски професори се редовни.
Професорот Зоран Поповски од Факултетот за земјоделство и храна вели дека кај нас нема конкурентност.

– Кај нас има два милиони жители и 2 милиони министри за образование. Сите се разбираат од образование, од родител, наставник, дедо и навистина е тешко да се менаџира со тоа. Како поминува времето проблемите не да не се решаваат туку стануваат поголеми. Нема квалитет- изјави Поповски неодамна во интервју за Слободен печат.

Професорот Атанас Кочов од Машинскиот факултет вели дека неможеме да дозволиме да нема студенти на македонски јазик.

– Кај нас нема студенти на Факултетот за земјоделски науки и храна која е основа во едно стопанство. Во Македонија нема патент седум години- тоа доволно кажува колку малку пари се вложуваат во науката. Паднат е квалитетот на високото образование. Стандардот на професорите е на многу ниско ниво, платите се многу мали- вели Кочов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот