За еден месец во Сопиште ќе биде отворена новата градинка

Фото: Архива

Новиот објект на градинката „Виножито“ ќе може да згрижи 57 деца што ќе бидат организирани во три групи.

Во Сопиште во тек е изградбата на новиот објект на градинката „Виножито“, втор објект за згрижување деца од предучилишна возраст во оваа Општина. Вчера на увид на градежните работи беше министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Таа информира дека новата градинка има капацитет да згрижи 57 деца, кои ќе бидат организирани во три групи – две за деца од две до шест години, а третата група e за јасли. Според динамиката на активностите, објектот треба да биде завршен за најмногу еден месец.

– Министерството за труд и социјална политика од својот буџет издвои околу 21 милион денари за нејзината изградба и опремување. Според направениот увид на терен, градежните работи се во завршна фаза, во моментот се привршува внатрешното уредување, а истовремено се работи и на уредување на дворот. За нас секое дете е важно, бидејќи колку порано влезе во воспитно-образовниот процес, толку поподготвено ќе влезе и во образовниот процес – истакна Шахпаска.

Таа додаде дека Министерството и Владата планираат да изградат градинки во сите делови на државата и до завршување на мандатот во 2024 година, 60 отсто од децата од предучилишна возраст да бидат сместени во градинки.

– Досега во употреба пуштивме 14 градинки, а до крајот на годината ќе бидат отворени уште 11 нови објекти, еден од нив е и оваа градинка – рече Шахпаска.

Новата градинка во Сопиште е самостоен проект на Министерството за труд и социјална политика како дел од Програмата за изградба, опремување и одржување објекти за детска заштита за 2020 година.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот