За чисто Скопје годишно се трошат 21 милион евра

Менаџментотот со урбаното живеење е предизвик насекаде во светот. Даночните обврзници очекуваат градот во кој живеат да „свети“, да нема ѓубре по улиците, да нема преполни контејнери, да нема диви депонии, да нема насред улици згазени животни…

Овие задачи, во Скопје, се доделени на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ кое  го објави својот извештај за првото тримесечие. Според овој извештај, за Скопје и руралната околина, од канцеларија, или непосредно на терен, се грижат 1.345 вработени. Во извештајот е наведено дека ова е бројот на вработените на 31.03.2020 година и дека тој е зголемен за 178 работници во однос на  31.03.2019 година.

„Покрај редовно вработените во ЈП Комунална хигиена се вработени и работници ангажирани преку агенција за привремено вработување. Просечниот број на вработени за разгледуваниот период во 2020 год. изнесува 175 работници и во однос на истиот перид во 2019 година – 262 работници, има намалување за 87 работници“, пишува во Извештајот за првото тримесечие. Но, во Извештајот е забележано и дека преку Град Скопје за хигиена се ангажираат уште 100 работници.

Лани во загуба

Годишниот извештај за 2019 година, пак, открива дека годишно за одржување на хигиената во главниот град, се трошат 21 милион евра.Но, овие средства, лани, јавното претпрјатие не успеало да ги собере и остварило загуба околу 1,2 милиони евра.

Во првите 3 месеци од годинава, ЈП „Комунална хигиена“ остварило вкупни приходи од 4,9 милиони евра, а вкупни расходи се 4,6 милиони евра, но со забелешка дека овој период приходите се зголемиле само за 0,4 проценти, а расходите за 7,23 проценти, при што голем дел од зголемените трошоци се должат на личната заштитна опрема поради ковид-19.

Во приходите, најголем дел, односно 88,8 проценти се остварени од фактурирање на услугите за собирање и транспортирање на комунален отпад од физички лица и стопански субјекти на територијата на град Скопје и од рурални средини. Приходи се остварени и од собирање на комунален отпад од контјнери на фирми и од услуги на граѓани за кабаст отпад, расчистување на диви депонии, подигање на угинати животни…

Совесност на граѓаните

Покрај комуналното претпријатие, за чистотата на градот, неопходна е и совеста на граѓаните. Но, еден податок – за расчистување на дивите депонии, покажува дека граѓаните често се однесуваат крајно несовесно.

Во првите три месеци, ЈП „Комунална хигиена“ расчистувала диви депонии во општините Чаир, Карпош, Бутел, Сарај, Центар, Аеродром и Гази Баба, при што се собрале 820  кубни метри  отпад.

Честа слика е и фрлање на кабест отпад, крај контејнерите. ЈП „Комунална хигиена“, со години, на граѓаните, им овозможува, за одреден надомест, да викнат од кај нив камион, кој ќе го однесе стариот мебел, бела техника… Но, до неодамна, проблем беше што граѓаните сами мораа да се погрижат да го изнесат мебелот на одреден простор. Сега, веќе е можно да се ангажира јавното претпријатие, од домот да го земе и да го однесе кабастиот отпад.

Подигнати 3 коњи, оставени да скапуваат

ЈП „Комунална хигиена“ се грижи и за подигање на умрените животни. За оваа своја услуга, јавното претпријатие добива пари од Град Скопје и во првото тримесечие добило околу 4.000 евра.

Според кварталниот извештај, ЈП „Комунална хигиена“ , за 3 месеци подигнало 210 мрши, од кои 102 кучиња,105 мачки и 3 коњи.

Годинава, ЈП “Комунална хигиена“ не лови кучиња скитници и не ги згрижува. Минатата година, за оваа услуга , за 3 месеци напатило околу 25.000 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот