Врховниот суд на САД одлучува за децата на нелегалните имигранти – Слободен печат
ВестиПланета

Врховниот суд на САД одлучува за децата на нелегалните имигранти

Луѓето цело деноноќие чекаа пред судот за изутринава да можат да влезат во зградата и присуствуваат на сесијата на Врховен суд, што почна во 10 часот по локално време.

Редица од стотици лица се создаде синоќа пред Врховниот суд на САД, каде денеска се разгледува уставноста на ДАКА, програма усвоена од претходната администрација со која стотици илјади деца на нелегалните имигранти во САД избегнаа депортација и добија работна дозвола.

Луѓето цело деноноќие чекаа пред судот за изутринава да можат да влезат во зградата и присуствуваат на сесијата на Врховен суд, што почна во 10 часот по локално време. Ќе се водат дискусии и даваат аргументи од страна на таканаречените „мечтатели”, кои претставуваат над 700.000 деца и малолетници донесени во САД од нивните родители, нелегални имигранти.

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп веќе втора година се обидува да ја укине програмата, усвоена од неговиот претходник, Барак Обама, која опфаќа стотици илјади апликанти, кои преку ДАКА добиле легален престој во САД.

Илјадници од нив се вработени во разни сектори, или се студенти, универзитетски професори и државни службеници. Сите сега се соочени со депортација.

Од септември 2017 година, кога програмата беше укината и тогашниот државен обвинител Џеф Сешнс објави запирање на приемот на нови апликации, судови од пониски инстанци ја отфрлија одлуката на Трамп како „селективна”.

Од многумина е оценета како анти-имигрантска и нехумана, одлуката на оваа Администрација сега е предизвикана од повеќе судови и поддржана од петиција на илјадници апликанти, затоа се најде пред Врховен суд.

Таму денеска ќе бидат изложени писмени и вербални аргументи на повеќе „мечтатели”, зошто програмата треба остане и да се прошири, и каква полза има американското општество од сите овие млади луѓе кои дошле во САД не по своја вина, но ја прифатиле земјата како родна татковина. Работат овде, војуваат за неа, се едуцираат, плаќаат даноци и придонесуваат на многу други разни начини.

Еден од тие „мечтатели” е Мартин Батала Видал, кој синоќа од Њујорк со автобус пристигна во Вашингтон заедно со неговата мајка, а кој денеска ќе биде еден од повеќемината дискутанти кои пред Врховниот суд треба да изнесат аргументи во полза на ДАКА.

– Не знам што ќе се случи и каков ќе биде исходот во судот. Знам само дека се боревме храбро, продолжуваме да се бориме и остануваме позитивни, изјави денеска тој.

Одлуката на судот ќе биде лакмусов тест и за други закони и одлуки донесени од претходната администрација а повлечени или укинати од Трамп. Доколку падне пред Врховен, повеќе нови и радикалните одлуки и закони потпишани од претседателот можат исто така да бидат ставени под знак прашалник.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close