Вработените во Филхармонија протестираа пред Владата

Протест на вработените во Филхармонија/Фото: МИА

Вработените во Македонска филхармонија и денеска излегоа на протест поради одлуката новоформираниот Џез оркестар просторно да биде сместен во објектот на оваа институција.

Претседателот на Синдикатот на Филхармонија, Владимир Лазаревски, на протестот изјави дека оваа одлука сѐ уште не е променета, и иако побарале прием кај премиерот, уште не добиле никаков одговор.

-Минатата недела вработените и дадоа црвен картон на министерката за култура. Денеска сме пред Владата, бидејќи уште пред неколку недели побаравме прием кај премиерот, но, за жал, не добивме никаков одговор, ниту пак се заложија за промена на одлуката. Денеска во „Република“ излезе интервју со претседателката на СКРМ, Верче Атанасовска во кое вели дека е информирана од министерката за култура дека е најден соодветен простор каде што ќе биде сместена новоформираната институција, посочи Лазаревски.

Тој ја повика министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска да информира дали е најден нов простор на Џез оркестарот.

-Ние и денеска протестираме бидејќи досега од Министерството не сме добиле ниту соопштение, ниту сме информирани дека е најдено просторно решение. Недостатокот на комуникација и заеднички јазик беа главна причина за создавање на проблемот уште на самиот почеток, затоа еве, уште еднаш јавно ја повикуваме министерката да излезе со соопштение во јавноста и да не информира, нас, вработените во Филхармонија кои сме директно засегнати од оваа ситуација, потенцираше Лазаревски.

Протестот, поради кој беше затворена улицата пред Владата, предизвика голем сообраќаен метеж во центарот на Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот