Водостопанството, шумарството и подготовката за ЕУ преговорите, предизвици за министерот Димковски

фото: МИА

Она што го ветивме во 2016 година, веќе го заокружуваме, го финализираме: редовна и целосна исплата на субвенциите, „зелена нафта”, ослободување од персонален данок, инвестиции во капитални проекти за наводнување, нови закони и измени на постојните.

Сите одлуки ги носевме заедно со земјоделците, ги следевме нивните потреби и создававме услови за развој на секторот. Го отворивме Министерството за соработка со сите релевантни чинители и ги поттикнавме професионалците. Работев посветено, вложувајќи се максимално, со сиот мој капацитет, иако можеби можеше многу повеќе и подобро.

Со овие зборови денеска досегашниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски го заокружи двегодишниот мандат и официјално му ја предаде функцијата на својот наследник, Трајан Димковски.

Николовски и Димковски изминатите 24 месеци работеа како тим. Димковски најпрво беше шеф на Кабинетот на Николовски, а потоа и раководител на Секторот за рурален развој. Добро ја познава проблематиката, а и по струка е дипломиран инженер агроном. Нивната заедничка заложба е, како што истакнаа, македонското земјоделство да биде модерно и конкурентно.

Како што истакна Николовски, од она што му го остава на својот наследник, примарни би требало да бидат проектите во водостопанството и реформите во шумарството. Димковски најави дека покрај евентуалните интервентни мерки и делувањето кога е најпотребно, ќе ја продолжи праксата на креирање долгорочна стратегија, а ќе се фокусира и на подготовките на секторот за претстојното отворање на поглавјата од предпристапниот дијалог со ЕУ.

– Најголем доказ дека нашите политики даваат позитивни резултати и дека земјоделството се движи во вистинска насока е неговото зголемено учество во економијата за 13,6 отсто во првиот квартал годинава, потенцира Николовски.

Тој наследил, како што напомена, многу нерешени проблеми, но со своите соработници се обидел да изнајде трајни решенија. Најпрво се посветил на субвенциите, нивната редовна и навремена исплата, земјоделците да ги добиваат парите кога им се најпотребни што, оцени, не било случај претходната деценија.

– Ги исплативме и наследените долгови за субвенции од 2013, 2014 и 2015 година, воведовме нов модел за повисока поддршка на тутунот, почнавме крупни капитални инвестиции во водостопанската инфраструктура, се фокусирваме на младите, изготвивме нови законски решенија во корист на земјоделците, се посветивме на правилната распределба на државното земјоделско земјиште, државата за само две години стана лидер во искористеноста на ИПАРД Програмата, а и за „Џумајлија” веќе никој не збори зашто потпишавме 200 договори и сега површините се обработуваат, рече Николовски, осврнувајќи се на сработеното.

Стартот на „зелената нафта”, подготовката за преговорите со ЕУ во делот земјоделство, изградбата на откупно-дистрибутивните центри, ќе бидат само некои од предизвиците со кои ќе се соочи Димковски во мандатот како министер.

– Тешко е да се каже што се ќе почнеме, а уште потешко што сé ќе се заврши за волку краток период, ако се земе предвид дека крупните инвестиции во земјоделството траат со години. Но, јасно е дека не сакаме да губиме ниту еден ден како што беше порано случај кога се менуваа министри и од една иста партија, па им требаше време за прилагодување, подвлече Димковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот