Во Скопје тече мед и чоколадо, а Данела никаде ја нема

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Луѓе, скопјани, па добро, каде е Данела!? Има ли Скопје градоначалник? Работи ли нешто нашата менаџерка? „Жива“ ја нема да се појави! Она непојавување на 13 ноември изгледа ѝ преминува во навика…

Си велам, можеби јас не ја следам доволно нејзината активност, па отворив портали, агрегатори, социјални мрежи, вртам телефони, се распрашувам по комшии, да видам што сум пропуштил, да не се сменило нешто во Скопје, а јас неинформиран?!

И, навистина, гледам ништо не е исто. Депонииите покрај кои проаѓав секој ден возејќи кон работа, ги нема. Стигнувам во центарот на градот, паркинзи колку сакаш, бесплатни. И празни. Нема коли, веќе никој не оди на работа со автомобил, сите користат бесплатен јавен градски превоз. Додуша, сега автобусите прават метеж во сообраќајот, зашто има ги има премногу по улиците на Скопје. Дури 250 нови! И, што е најважно, не загадуваат како старите Јутонг, што ги купи Миле. Попладне излегувам низ населба да се прошетам низ новиот парк со високи, стари стебла што ги засади Данела. Така, додека шетам, си ја пеам онаа на Сачмо, „What a wonderful world“.

Всушност, јас сум бил во состојба на сон, како во филмот на Ди Каприо „Inception“. Наеднаш, сѐ пред мене се сруши како кула од карти, а јас се вратив во суровата скопска реалност.

Ја гледам Данела како милно се смешка од старите изборни билборди и чат-пат ќе се појави со некоја видео порака по социјалните медиуми.

Се прашувам зошто Данела е раат од медиумите, дали никој не ја бара да даде изјава, да ја праша нешто за проблемите во градот, како во времето на Шилегов, кога новинарите го бомбардираа со прашања, кога за сѐ беше тој виновен? … Не знам до кого е проблемот, до медиумите, или до Данела!?
На пример, веќе 30 дена е на чело на градот и, според најавите што самата ги даваше, би требало триесет депонии што со тимот ги мапирала, веќе да ги има исчистено.

Но, не видов дека некој медиум ги брои!

А таа, сепак, веднаш се зафатила со „чистење“! Чистките, изгледа, најмногу ѝ лежат! Веќе ја исчисти „Дрисла“, ама кадровски, се разбира! Го смени директорот, со чист, „независен“ кадар од ВМРО-ДПМНЕ, а потоа продолжи со чистка во ЈП „Лајка“, по ист принцип. Тоа ѝ се првите работни победи. И не запира тука. Данела одлучно го поништи огласот со кој требаше да се вработат нови 20 пожарникари во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

Го поништи и договорот за украсување на Скопје за Нова Година, но за кратко, бидејќи се пишмани, па пак го потпиша.

А, знаете ли што е најново? Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, била во ненајавена контрола во кризниот штаб на зимската служба на Град Скопје со цел да ја провери подготвеноста на оваа служба за зимската сезона. При тоа си дала изјава самата на себе: „Јавното претпријатие и кризниот штаб не смеат да бидат изненадени од зимската сезона и за истата треба да бидат максимално подготвени за одржување на сите главни улици за коишто е надлежен градот Скопје.“ си изјавила Арсовска на својот фејсбук профил, а пренесува „Република“.

Медиуми? Јок! Прашања? Никако!

Ниту новинарите ја бркаат неа, ниту таа ги бара нив. Вистинска медиумско-политичка хармонија! Како во времето кога Тој се појавуваше во јавноста само за да се пофали, да пресече ленти и да фрли една-две лопати.

Се враќа времето на Никола Груевски. Половината од неговото окружување се напика во локалната самоуправа. Јасно станува кој ќе управува со градовите низ Републиката, а и со Скопје. Во Скопје, очигледно, „министер“ за финансии и идеен градоначалник ќе биде професорот Трајко Славевски, инаку поранешен министер за финансии во владата на Груевски, а „внатрешноста“ ќе ја контролира другиот министер за финансии на Груевски, Зоран Сатврески.

Ќе тече мед и чоколадо низ улиците на Македонија. Само уште Миле им фали за случај кога ќе им текне нешто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот