Во организација на „Спона“ ќе биде промовирана книгата „Епитаф за актер“ на Љубица Кубура

Љубица Кубура / Фотографија: Ема Беднарж

Српскиот Културно-информативен центар „Спона“ на 1 декември (петок) ја организира промоцијата на новата книга на Љубица Кубура, романот „Епитаф за актер“ (Епитаф за глумца). Промоцијата ќе почне во 18 часот, а местото на одржување е „Јавна соба“ (Public Room) во Скопје.

На промоцијата, покрај авторката на романот, ќе зборуваат и уредничката на книгата Ивана Вуковиќ, Нина Ќеклиќ и Милутин Станчиќ од „Спона“.

Љубица Кубура е родена на 29 јануари 1988 година во Белград, каде што моментално живее и работи. Еден период од животот го поминала во Скопје. Пишува колумни за неколку портали во Србија. За неа совршениот живот значи шетање по ридовите, пиење вино и разговор за смислата на животот. На 12-годишна возраст, таа била принудена да го чита Достоевски. Потоа се откажала од него и се одлучила за Чехов. Сега е за двајцата.

Кубура ја запознавме како одличен писател благодарение на збирката раскази „Белградски акварел“. Пишувањето на романот го најави на 23 јануари 2023 година на промоцијата на „Београдски акварел“ во „Спона“ во Скопје, без да открива премногу детали.

Приказната што го гради романот е сведоштво за суров талент и непоколеблива решителност да ги оствари своите детски соништа – тоа е приказната за Крсто Чутура, кој зад себе ги остава родителите и браќата, оди во голем град и станува познат актер.

Романот „Епитаф за актер“ навлегува во нескротливиот дух на човек кој одбива да биде замолчен, заменет и заборавен, дури и кога е соочен со непремостливи пречки. Откако ќе се спушти завесата на животот на актерот, неговата ќерка, која го гледа како модел, почнува да пишува роман за својот татко, обидувајќи се да го спаси од заборав неговото наследство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот