Во Бугарија на големо се тргува со луѓе, ОБСЕ и Советот на Европа бараат итни мерки

Трговија со луѓе/ Фото: МИА

Специјалниот претставник на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Валијант Ричи, и извршниот секретар на експертската група за борба против трговијата со луѓе на Советот на Европа (ГРЕТА), Петја Несторова, ја повикаа Бугарија да преземе итни мерки за зајакнување спречување и одговор на трговијата со луѓе, соопшти Советот на Европа.

На заедничките состаноци со Националната комисија за борба против трговијата со луѓе и бугарскиот Парламент, претставниците на ОБСЕ и Советот на Европа ги споделија наодите од посетата на специјалниот претставник на земјата и третиот извештај за евалуација на ГРЕТА.

Тие ја повикаа Бугарија да преземе акција во неколку клучни области, како што се зајакнување на координацијата на напорите за борба против трговијата со луѓе, усвојување нова стратегија за борба против трговијата со луѓе и обезбедување пристап на жртвите до правдата.

Специјалниот претставник на ОБСЕ Ричи ја истакна итната потреба да се даде приоритет и да се инвестира во напорите за борба против трговијата со луѓе, вклучително и со подигнување на профилот на ова прашање пред државното раководство и преземање поамбициозни политички активности.

„Како една од клучните земји на потекло за трговијата со луѓе во Европа, Бугарија има потреба од цврста стратегија со акцент на превенцијата и изведувањето на трговците со луѓе пред лицето на правдата”, изјави тој.

Несторова, која е извршен секретар на експертската група за борба против трговија со луѓе на Советот на Европа (ГРЕТА), ја истакна потребата од зголемено политичко внимание на проблемот и соодветно буџетско финансирање за да се обезбеди одржливост на мерките за борба против трговијата со луѓе и управувањето со засолништата.

„Последните препораки дадени од ГРЕТА до Бугарија се фокусираат на обезбедување пристап до правдата за жртвите на трговија со луѓе. Тоа бара обезбедување ефективен пристап на жртвите до компензација и поддршка на нивната економска и социјална вклученост”, рече таа.

Специјалниот претставник на ОБСЕ врши повеќекратни посети на земји секоја година за да ги поддржи земјите-членки на ОБСЕ во борбата против трговијата со луѓе, да споделува препораки за понатамошна акција и да собере најдобри практики за борба против тоа злосторство.

Експертската група за борба против трговијата со луѓе на Советот на Европа (ГРЕТА) го следи спроведувањето на Конвенцијата за борба против трговијата со луѓе од страна на 48 земји кои ја ратификувале. ГРЕТА три пати ги оценуваше активностите на Бугарија против трговијата со луѓе (во 2011, 2015 и 2019 година). Последниот извештај на ГРЕТА за Бугарија беше објавен во април 2021 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот