ВНИМАВАЈТЕ: Ако не ја користите банкарската сметка, може да платите 1.200 денари за годишно одржување!

Фото: Слободен печат/Архива

Во денешно време граѓаните обично имаат по повеќе трансакциски сметки низ банките – онака како што ги воделе потребите. Многумина веројатно не се ни сеќаваат на некој момент кога по потреба отвориле сметка во некоја банка. На пример, банките не вршат менувачки работи, ако немате сметка, а и за да уплатите пари на нечија сметка, бараат и вие да имате трансакциска сметка во таа банка. Исто така, при премин од едно работно место, неретко работодавачите бараат отворање сметка вон „својата“ банка. Сето ова води кон отворање нови сметки, а според тарифникот на една банка, нивното годишно одржување изнесува 1.200 денари.

„Одржување на трансакциската сметка за неактивни клиенти, годишно чини 1.200 денари. Неактивен е секој имател на трансакциска сметка на која нема никакви операции по иницијатива или во корист на носителот за период поголем или еднаков од 24 месеци“, пишува во Тарифникот на Шпаркасе банка. За затворање на сметката, пак, треба да се платат 200 денари.

Стопанска банка АД – Скопје, пак, извести дека почнувајќи од 6 јули 2019, наплаќа надоместок за водење неактивни сметки со мало салдо до 300 денари, во висина од 20 денари месечно. 

„Овој надоместок ќе се наплаќа од денарски и од девизни сметки на физички лица, при што неактивна сметка е онаа сметка на која не се евидентирани трансакции направени од клиентот во последните 12 месеци“, пишува во известувањето на Стопанска банка.

Ова значи дека ако имате неактивна сметка во Стопанска банка, веќе секој месец ви оди во минус по 20 денари, па ако стигне некаков прилив на сметката, тие ќе си го наплатат долгот. А, како што одат работите во „секторот наплата на долгови“, ништо чудно по неколку години износот да дојде на наплата преку некаков вид извршување.

Во Тарифникот на НЛБ банка, пак, пишува дека водењето трансакциска сметка до 500 денари е без надоместок, но над 500 денари е со надоместок од 30 денари месечно. Така, ако имате заборавено некои 1.000 денари во НЛБ банка, по 16 месеци тие ќе станат 500 денари, по што ќе запре наплатата на провизијата. Во оваа банка и затворањето на сметка е без надоместок.

Во Комерцијална банка нема надоместок за водење трансакциска сметка, доколку нема трансакции. Односно, за оној месец во кој има трансакција се наплатуваат 30 денари, а во оној месец во кој нема трансакции, не се наплатува провизија. Затворањето на сметката е без пари, а следењето на сметката преку интернет е без надоместок. Исто така, затворањето на сметката е без надоместок.

Во Народната банка прашавме дали провизија од 1.200 денари за неактивна сметка е во согласност со законската регулатива во банкарскиот сектор. Оттаму го добивме следниов одговор: 

„Според одредбите од член 26 од Законот за платен промет, банките, како носители на платниот промет односно даватели на платежни услуги, може да наплатуваат надоместок за вршење на работите во платниот промет според тарифа што ја утврдува носителот на платниот промет, при што ја имаат обврската според став 2 од истиот член да ја објават тарифата на видно место во своите простории и на својата интернет-страница“.

Сепак, нашата потрага по тарифниците за надоместоците во банките не одеше лесно. Некаде и воопшто не успеавме да ги пронајдеме, па се информиравме телефонски.

– Зголемување на транспарентноста и споредливоста на надоместоците за услугите поврзани со платежната сметка на потрошувачите е една од целите на новиот Нацрт-законот за платежни услуги и платни системи и подзаконските акти, во кој се транспонираат сет директиви и регулативи на ЕУ, кои, меѓу другото, ќе го зголемат нивото на заштита на потрошувачите при склучување договори и користење платежни сметки. Дополнително, зголемената транспарентност се очекува да ја зајакне конкуренцијата меѓу давателите на платежни услуги. Со цел да се избегне ризикот од прекумерни информации, Народната банка според одредбите од Нацрт-законот за платежни услуги и платни системи ќе утврди список од најмалку 10, а најмногу 20  најрепрезентативни услуги поврзани со платежна сметка, кои најчесто се користат и создаваат највисоки трошоци за потрошувачите на национално ниво – ни изјавија од Народната банка.

Со закон ќе се воведе сметка за 5 плаќања со мала провизија

Новиот Нацрт-закон за платежни услуги и платни системи предвидува воведување платежна сметка со основни функции. Преку неа ќе може да извршуваат плаќања на сметки за струја, вода, интернет, или трансфер на парични средства на друго лице, без користење дозволено пречекорување.

– За извршувањето на овие трансакции и месечното одржување на платежната сметка, граѓаните ќе плаќаат разумна висина на надоместоци што не смее да биде повисока од 0,1% од подвижниот просек на просечната месечна исплатена нето-плата во земјата за претходните 12 месеци (28 денари месечен надоместок, според последно расположливите податоци за просечна месечна нето-плата во претходните 12 месеци), додека граѓаните што се корисници на одредени законски права, ќе може овие услуги да ги добиваат без надоместок. Минималниот број трансакции што треба да ги обезбедат банките по оваа цена за граѓаните изнесува најмалку 5 трансакции месечно, при што во овој број ќе се вклучуваат само плаќањата насочени кон други правни и физички лица што се клиенти на истата банка – велат од Народната банка.

Видео на денот