ВМРО-ДМНТР, односно демантирана, продолжува да го шири вирусот на лаги

Зоран Бојаровски

Зошто би се срамеле или покривале со перде кога тоа, очигледно, им е единствената цел – да ја доведат под прашање општествената кохезија и кредибилноста на институциите. Истата цел што си ја имаат поставено и пропагандните центри надвор од земјата.

Не требаше многу време да помине за ВМРО-ДМНТР, односно демантирана, да продолжи со својата политичка и стратегиска определба да шири лажни вести.

Уште на 5 јануари во новата 2023 година Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ продолжи со својот омилен спорт да измислува невистини и објави соопштение со наслов „Целокупните заложби и вграден минат труд со кои ВМРО-ДПМНЕ ги зацврстуваше културните темели на македонската државност, СДС(М)-ДУИ сериозно ги урива, ги продаваат ли Браќата Манаки?“ Од ВМРО-демантирана објавија дека „фотографската граѓа на Браќата Манаки во сопственост на Државниот архив на Република Македонија, како значајно и огромно македонско културно богатство, кое денес се третира како загрозена архива, по процесот на дигитализација, ќе биде онлајн поставена на платформата на Британската библиотека во програмата за загрозени архиви (Endangered Archive Program)“ и прашаа „зошто македонското културно и историско наследство треба да го обработуваат и презентираат странски институции? Зошто пред очите на македонската и на светската јавност ќе се прикажеме како држава која е неспособна да се грижи, да го негува и да го презентира своето наследство?“

Државниот архив на Северна Македонија и Архивот во Битола остро реагираа на, како што ги нарекоа, „неточните податоци, измислици и лаги изречени од страна на комисијата на ДПМНЕ“. Во демантот на овие две институции се разобличени лагите на ВМРО-ДМНТР со информација дека архивскиот фонд „Браќа Манаки“ не оди никаде под кирија и дека останува засекогаш во Државниот архив и тоа сега како културно наследство. Целокупното постојно фотографско дело на браќата Манаки ќе биде дигитализирано до крајот на август 2024 година со обезбеден грант од програма што ја администрира Британска библиотека и ќе биде трајно заштитен и достапен преку платформата на оваа институција за целиот свет.

За да биде демантот уште поцврст, аргументиран и да одговара на вистината, Државниот архив објави дека не станува ниту најмалку за отстапување на никакви права околу користењето на Фондот „Браќа Манаки“ на ниту една друга институција, ниту на Британската библиотека. Напротив, со соработката со Британската национална библиотека, Државниот архив на Северна Македонија и Архивот на Битола ги зацврстуваат своите, односно правата на македонската држава за презентација на транснационалното фотографско и филмско богатство на браќата Манаки пред целиот свет и кое ги вклучува видеофотографските записи за сите етникуми на Балканот.

Навиките да се шират невистини и дезинформации од центарот за пропаганда на ВМРО-ДМНТР, очигледно ќе продолжат и во оваа година затоа што веднаш по оваа лага за филмскиот фонд на браќата Манаки дојде и нова од пустата желба да се извалка МВР и министерот за внатрешни работи за случајот со бегство на осуденик на издржување на долгогодишна казна.

Се разбира, ВМРО-ДМНТР не се извини и не ги повлече ваквите „лаги“ како што ги нарекува МВР во своето соопштение. Ниту срам, ниту „перде“, ниту одговорност за штетите и последиците што овие континуирани лаги ги предизвикуваат меѓу граѓаните и општествената јавност. Но, зошто би се срамеле или покривале со перде кога тоа, очигледно, им е единствената цел – да ја доведат под прашање општествената кохезија и кредибилноста на институциите. Истата цел што си ја имаат поставено и пропагандните центри надвор од земјата.

Авторот е новинар

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот