
Власта брза да го смени Кривичниот, но штетата е непоправлива
Власта планира да носи брзи измени на контроверзните членови на Кривичниот законик, со кои застареа клучни предмети што се водеа против поранешни функционери и нема да се чека мислењето на Европската комисија и носењето на новиот Кривичен законик што со години го подготвуваше работна група предводена од академик Владо Камбовски.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Министерството за правда, всушност, работи на „кратко законско решение“ со цел да се вратат кривичните дела поврзани со „злоупотреба на службената положба и овластување“ што со измените донесени во септември 2023 година беа укинати и со нив се амнестираа многу обвинети функционери.
– Министерството за правда работи на кратко законско решение за измени во Кривичниот законик, со кој треба да се отстранат штетните последици од законските измени на КЗ од 2023 година. Тенденцијата е унапредување на одредбите за законските битија и заострување на казнената политика преку зголемување на постојните казни за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластувања“. Се планира и проширување на опфатот на кривичните дела за проширената конфискација, како и вградување некои нови кривични дела што се резултат на современото општество и технологија. Но, за тоа многу скоро ќе се излезе со целосно оформено законско решение пред Владата – велат од Министерството за правда за „Слободен печат“.
Ќе се менува постојниот законик
Од Министерството тврдат дека не станува збор за нова верзија на Кривичниот законик, туку само за измени на постојниот.
– Што се однесува до новините што би можеле да се очекуваат во Кривичниот законик, тоа ќе бидат промени што ќе ги модернизираат и ќе ги унапредат постојните процедури, како и појаснување и детално регулирање одредени кривични дела. Едно од клучните прашања е унапредување на санкциите за тежок криминал, особено за економски криминал и корупција, што е во согласност со напорите за борба против корупцијата и организираниот криминал. Дополнително, има нови кривични дела што се однесуваат на финансиските кривични дела, вклучувајќи практика на конфискација на имот стекнат со кривични дела што ќе придонесе за поголема ефективност на борбата против корупцијата и организираниот криминал – велат од Министерството за правда.
Новиот Кривичен законик што го изготви работната група, како што објаснуваат од Министерството, останува да го чека мислењето на Европската комисија, па потоа да биде инкорпориран во македонското законодавство.
Кратките и брзи измени се очекува да бидат донесени оваа 2025 година. Обвинителството веќе отвори неколку предмети за функционери од претходната власт, меѓу кои и за поранешниот вицепремиер Артан Груби, за поранешниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, но и за нив ќе важи Кривичниот законик со поблаги казни, кој се донесе со гласови на СДСМ и ДУИ, но и со обвинувања од тогашната власт кон ВМРО-ДПМНЕ дека токму тие обезбедиле кворум на седницата.
Овие измени што сè уште се на сила, ги намалија казните во членот 353 што се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување, кој најчесто се користеше за гонење службени лица и функционери, како и намалување на казните за делото злосторничко здружување од членот 394, што повлекува порано застарување на кривичните дела.
Поранешниот вицепремиер е осомничен за „проневера во службата од член 354 став 3“, дело за кое нема измени во актуелниот КЗ, но, на пример, Ковачевски се гони за „несовесно работење во службата“, член што беше ревидиран и за кој сега е предвидена пониска казна.
Иако власта сега го забрзува процесот на носење построги казни, експертите велат дека дури и со носење целосно нов Кривичен законик, не може да се санираат штетите од скандалозните лански измени на КЗ.
– Законскиот максимум на казната затвор за коруптивните кривични дела предвидени во актуелниот Кривичен законик се исклучително ниски, така што секоја иницијатива за промена во овој дел е за поздравување. Оттука, што се однесува до постапките што се веќе отворени против поранешни функционери, а раководејќи се од принципот на ретроактивно дејство на законот, ќе се применат одредбите од Кривичниот законик што предвидува најниски казни за предметните кривични дела. Штетните последици што настанаа како резултат на направените измени на КЗ во септември 2023 година не само што не можат да бидат санирани со евентуални дополнителни измени на постојниот КЗ, туку и со донесување на целосно нов Кривичен законик, велат од Коалицијата „Сите за правично судење“ за „Слободен печат“.
Иницијативата на ДС наскоро пред Уставен
Дури и измените на постојниот Кривичен законик да бидат донесени и да стапат во сила оваа година, тие ќе важат за кривични дела сторени по носењето на измените, односно усвојувањето на новиот законик. Ова во еден од јавните настапи го потврди и премиерот Христијан Мицкоски.
– Овој Кривичен законик, ваков каков што е, ќе значи амнестија, условно кажано, за дел од сторениот криминал за кој постои основано сомнение и докази, дали во фаза на истраги или во судска фаза. Зошто? Затоа што овој Кривичен законик за тие случаи е поповолен и во согласност со Уставот тие си го гледаат поповолниот, и тоа ќе значи застарување на дел од делата, без разлика дали ние ќе носиме нов, не може новиот да го натсинхронизира овој што е постојан. Така што, оние што мислеа да си направат ваков тип услуга – си направија. И тука не треба да имаме дилеми – изјави Мицкоски.
Непосредно по изгласувањето на спорните измени, претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов поднесе иницијатива до Уставниот суд, со која бараше да се преиспита уставноста на измените, но иницијативата повеќе од една година не е ставена на дневен ред.
Освен што ги оспори измените, лидерот на Демократски сојуз во иницијативата до Уставен бара Судот по службена должност да донесе времена мерка за одложување на примената на измените на КЗ до носењето конечна одлука по однос на иницијативата.
Според последните информации од Уставниот суд, оваа иницијатива на 12 февруари ќе биде ставена на дневен ред. – Рефератот со предлог е подготвен, ќе се дискутира и одлучува на таа седница – велат од Уставен. Во овој предмет споени се две иницијативи, на Трајанов и уште една поднесена од граѓанин, Крсте Велески.
Новите осомничени функционери ќе се гонат со стари „поблаги“ санкции