Владата „преживеа“, на ред се интерпелациите

Фото: mia.mk

Со 62 пратенички гласа Владата вчера ја доби довербата на Собранието, откако претходно премиерот Зоран Заев усно побара од пратениците да се изјаснат.  Но, според експертите за работата на Собранието, тоа не значи дека поднесените интерпелации за министрите за правда и за внатрешни работи, Бојан Маричиќ и Оливер Спасовски, и за вицепремиерот за борба против криминалот и корупцијата Љупчо Николовски, се сметаат за завршена работа.

Според професорот по уставно право Светомир Шкариќ, постои разлика меѓу доверба на Владата и интерпелација на одреден министер. Тој вели дека првиот поим е колективен и се однесува за целата влада, а вториот е поединечен чин и еден со друг не се исклучуваат.

– Кога е во прашање довербата на Владата, таа не може да се постави по истекот на три месеци по прво изгласаната доверба, а интерпелација може да се поставува без разлика кога е изгласана доверба на Владата, нема ограничувања. Доставените интерпелации треба да добијат своја собраниска процедура и претседателот на Собранието е должен да ги стави на дневниот ред онака како што е предвидено со Деловникот – вели Шкариќ.

Според собраниски извори, интерпелациите за Маричиќ и Николовски ќе бидат ставени на првата наредна седница што ќе ја закажа претседателот на Собранието, Талат Џафери, некаде во средината на март.

Политичкото раководство, но и видни членови на ВМРО-ДПМНЕ, не го кријат своето разочарување откако Владата на Зоран Заев вчера не падна. Според лидерот на партијата Христијан Мицкоски, гласањето било без можност за дебата и е доказ за слабоста на Заев и неговата недоверба во мнозинството.

„Вака Заев ќе купи уште некој ден живот на Владата приклучена на апарати за дишење, но исто како и мојата ковид-зараза, тие денови ќе поминат. Тогаш повторно ќе се постави прашањето за доверба на Владата, при што сите негови актуелни закани, уценувања и притисоци врз пратеници ќе паднат во вода и ден потоа Заев нема да биде премиер“, напиша Мицкоски во својата реакција.

И опозициската коалиција Алијанса и Алтернатива не ја крие својата изненаденост од политичкиот маневар на Заев. За координаторот на пратеничката група Скендер Реџепи, Владата покажала две работи: дека нема доверба во своето мнозинство и дека се плаши од она што ќе го изнесе опозицијата во дебатата за доверба на Владата. 

Според Заев, со завчерашното гласање се тргнала неизвесноста за граѓаните и за економијата предизвикана од заканите за ново мнозинство и паѓање на Владата. Според него, бројката од 62 пратеници е мала, но е доволна.

– Убаво е мнозинството да е поголемо од 62, ама вака нè држи будни. Тоа носи и свои придобивки. Верувам дека ќе издржи четири години – рече Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот