Високата смртност од ковид-19 со сè уште непозната дијагноза

Фото: Слободен печат/Драган Митровски

Треба добро да се провери како оди третманот на пациентите во болниците во внатрешноста, дали таму има доволно кадар, опрема и лекови за нивно соодветно згрижување. Ова сè почесто се слуша од упатените во околностите во македонското здравство, по наглото зголемување на смртноста кај пациентите заболени од ковид-19.

Заради растоварување на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје за да се примаат пациенти и со други болести и закажаните за хируршки интервенции, бројот на заболени од ковид-19 во оваа установа се намали за речиси 100 пациенти, кои сега се лекуваат главно низ болниците во целата земја. Итните случаи почесто се префрлаат во специјализираната Инфективна клиника во Скопје.

Се подготвува анализата

Како пациентот е лекуван, кога е дијагностициран, кога е примен во болница, во каква здравствена состојба… Ова се само дел од прашањата што лекарите од болниците низ земјава каде што се лекуваат пациентите со ковид-19 ќе треба да ги одговорат, по што Комисијата за заразни болести ќе излезе со заклучоци во анализата што ја побара министерот за здравство Венко Филипче. Овие податоци болниците треба да ги достават до крајот на неделата.

Бројот на починати пациенти од ковид-19 почна драматично да расте. Апсолутната бројка се искачи на 693, или 333 на еден милион жители, или на 21 место во рангирањето што го прави Универзитетот Џон Хопкинс.

Пред три недели вкупната бројка на починати на неделно ниво беше 20, потоа порасна на 27, за последнава недела заклучно со вчера да се искачи на 45. Со ова имаме драматичен раст од 66,7 отсто на бројот на починати од ковид-19 на неделно ниво.

– Ќе се испитуваат повеќе параметри – во каква состојба е дојден пациентот, кои коморбидитети ги имал, дали веднаш е ставен на апарат за дишење или на кислородна поддршка, кои дијагностички процедури се направени, каква терапија е дадена. Анализата на овие параметри треба да ни покаже зошто смртноста е вака голема – велат извори од Комисијата за заразни заболувања.

Најмногу податоци се очекуваат од Клиниката за инфективни болести и од Градската болница „8 Септември“, која долго време беше ковид-центар. Од Комисијата велат дека во услови кога, иако расте бројката на заболени, имаме голем број асимптоматски пациенти и се очекува вирусот да слабее, а со тоа и да се намалува бројот на оние заразени што завршуваат фатално.

– Ковид-19 изненади во повеќе ситуации, па и сега не се однесува како вирусите со кои досега сме се соочувале – велат од Комисијата за заразни заболувања.

Филипче: Не смее да се дозволи болниците да се преполнат

И Филипче констатира дека последните денови е зголемен бројот на починати како последица на ковид-19. Според него, претходната седмица процентот на починати од вкупниот број заразени беше 6,5 отсто, а изминатата стаса до 8 проценти.

– Правиме анализа, не сакаме да дозволиме да имаме преполни болници. Таа анализа ќе заврши на почетокот на следната недела и ќе можеме да кажеме на што се должи и дали треба дополнително нешто да се преземе – изјави Филипче.

Од Клиниката за инфективни болести рекоа дека пациентите доцна се пријавуваат на лекар, поради што и шансите за фатален исход се поголеми.

Од Санитарниот и здравствен инспекторат, пак, повикувајќи се на искуството што досега го имаат со вонредните надзори на пациентите починати од ковид-19, велат дека нема системска грешка во лекувањето и движењето на овие пациентите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот