Виртуелна изложба на Националната галерија: Жените во сликарството на Лазар Личеноски

Портрети и актови насликани од Лазар Личеноски, а кои се дел од колекцијата на Националната галерија, можат да се видат на виртуелна изложба поставена по повод Денот на жената.

Националната галерија веќе четврта година организира изложба, која носи свој препознатлив белег, посветен на Денот на жената – Осми март. Во претходните години имавме можност да видиме повеќе различни концепти на изложби по овој повод, кои во суштина имаа еден заеднички именител – жената како мотив, независно дали е автор или непосредна инспирација на уметничкото дело, портрет или, можеби, акт. Притоа, единствениот извор од каде што доаѓаше инспирацијата и која претставуваше темел врз кој е изградена оваа традиција е неисцрпно богатата колекција на Националната галерија, која претставува исклучителна ризница на вредни уметнички дела.

Лазар Личеноски, Акт, 1928

Оваа календарска година темата остана иста – жената, но овој пат беше реализирана со творештвото на Лазар Личеноски. На тој начин Националната галерија одбележува уште еден значаен јубилеј – 120 години од раѓањето на Лазар Личеноски (26.3.1901 – 10.4.1964). Виртуелната изложба претставува единствена можност публиката да види некои од уметничките дела на Лазар Личеноски кои се ретко прикажувани, некои од нив и за прв пат во оваа пригода, кои одамна не биле присутни ниту публикувани во нашата јавност.

Виртуелната изложба на Лазар Личеноски, поставена во Даут-пашиниот амам, е достапна единствено електронски преку социјалните медиуми на Националната галерија / Фотографија: Денис Јагџи

Лазар Личеноски е основоположник на современата македонска ликовна уметност. Бил професор во Уметничкото училиште во Скопје, кое денес го носи неговото име. Неговото сликарство го одразува нашето поднебје, преку колоритот и најпознатите негови пејзажи на афиони, галички бачила, Охрид и многу други. Изложбата опфаќа избор од дела, портрети и актови, вклучувајќи студии работени во јаглен, цртежи уште од студентските денови, масла на платна, масла на лесонит, шпер, картон.

Лазар Личеноски, Портрет на Роберта Бирбриџ-Бел, 1928

Делата се со различни димензии, а јавноста може да ги види низ виртуелна изложба поставена во Даут-пашиниот амам, но достапна единствено електронски преку социјалните медиуми, односно на профилите на Националната галерија. Делата вклучени во изложбата се сопственост на Националната галерија. Дел од нив се од оставината на легатот на Лазар Личеноски, а дел од постојната колекција. „Сметаме дека е од особена важност да напоменеме дека на оваа изложба се вклучени токму дела кои, потекнувајќи од легатот на Личеноски, во иднина ќе бидат дел од поставката на Спомен-куќата на Лазар Личеноски“, потенцираат од Националната галерија.

Лазар Личеноски, Женски акт, 1927

Спомен-куќата на Лазар Личеноски е уште еден значаен сегмент, кој ја прави Националната галерија институција со голема одговорност и посебно значење за зачувување и афирмација на нашата историја, култура и уметност. Националната галерија е од самиот почеток вклучена во процесите за валоризација на куќата на Личеноски, со цел таа да биде издигната на соодветното ниво како културно добро од посебно значење за афирмација на нашата уметничка и културна сцена. Имено, во 2010 година тим од стручни лица на Националната галерија, и тимови и стручни лица од други области, го евидентираа културното добро, сликите, мозаиците, етнолошкиот материјал, документацијата и сл.

Целокупниот движен културен материјал, како сликарскиот така и етнолошкиот, библиотечниот и архивскиот, денес се згрижени во депоата на Националната галерија. Националниот конзерваторски центар – Скопје веќе интензивно работи на реализација на Основниот проект за конзервација, реставрација и санација на објектот, како и на неговото партерно уредување, во текот на 2020 и во тековната 2021 година. Со желба Спомен-куќата на Личеноски да ѝ биде прикажана на јавноста во најубава светлина, се вложуваат максимални напори наскоро да биде завршен проект со остварена намена. Замислата е во 2021 година Спомен-куќата да ги отвори вратите за посетителите, соопштија од Националната галерија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 72, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 13-14 март 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот