ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Габриела Новевска пред првиот солистички концерт: Нестрплива сум да застанам на сцената

Габриела Новевска \ фото: Драган Митрески /Слободен печат

Албумот „Те кажувајет Илино моме“ на Габриела Новевска вечерва на големата сцена на Националната опера и балет ќе ја добие својата концертна промоција. Новевска е вокал на групата „Монистра“ и дел од ансамблот „Танец“. Многумина нејзиното пеење го споредуваат со гласот на Вања Лазарова, па не е чудо доколку слушнете како ја нарекуваат нејзина наследничка.

Ова вечер за Новевска има посебно значење бидејќи ќе се случи нејзиниот прв солистички концерт.
– Возбудена сум и нестрплива, со душа чекам да застанам на сцената. Речиси две години работев напорно на овој проект и се надевам дека оваа музика ќе биде прифатена од публиката. Јас не сакав македонската народна песна да ја изгуби својата вредност, се трудевме максимално да го задржиме оригиналот, но со цел да ја оплемениме и доближиме оваа музика до новите генерации додадовме примеси на рок и џез. На овој начин мислам дека песните можат да се зачуваат – вели таа за „Слободен печат“.

По една година откако беше објавен албумот во чест на стогодишнината од раѓањето на доајенот на македoнскaта изворна музика Александар Сариевски, Новевска одлучи композициите да ги отпее во живо пред публиката.

– Покрај песните кои се најдоа на албумот концертот ќе го надополниме со музика, за што нема да откривам, идејата е присутните во салата да уживаат максимално – појаснува пејачката.

За тоа што често е споредувана со големото име Вања Лазарова, нашата соговорничка вели дека е ѝ ласка овој комплимент.

– Ласка тоа што ме нарекуваат така. Јас не сакам никого да копирам, но можеби тоа што уште од самите почетоци кога учев пеење редовно ги слушав Васка Илиева и Вања Лазарова, на кој начин пеат, како го поставуваат грлото, можеби поради честото слушање сега дел до нив се забележува кај мене – објаснува Новевска.

Целиот разговор со Габриела Новевска погледнете го во продолжение на видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот