ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Дарко Саздов, МАПАС: Редовно проверувајте ги вашите пензиски сметки, така нема да има „изненадувања“
Парите можеме да ги заштитите само со навремено транспарентно информирање и само со мал дополнителен ангажман од секој поединец за да се ја следи финансиската состојба, што е овозможено на дневна основа
Минатата недела беше во знакот на финансиската писменост. Експерти од повеќе институции ги посетија училиштата, студентите, а за првпат и општините. Тие велат дека само на ваков начин ќе се подигне свеста на граѓаните за разни финансиски инструменти, но и ќе се спречат многу измами.
Дарко Саздов, член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансиско пензиско осигурување, во емисијата „Слободен печат“ зборуваше за финансиската писменост во делот на пензискиот систем. Тој алармира дека најважно е сите редовно да си ги прегледуваат своите сметки.
– Парите во приватните пензиски фондови се лични пари на членовите. Има алатка за да следите на дневна основа колку пари имате. Членот може да се информира кога работодавачот му уплатил придонес и да биде информиран дали во текот на годината има секој месец уплата, и истовремено да пресмета дали тој износ што му легнал е соодветен процент, затоа што треба да биде 6 проценти од договорениот износ од бруто-платата за која се договорил со работодавачот. Значи, парите можеме да ги заштитите само со навремено транспарентно информирање и само со мал дополнителен ангажман од секој поединец за да се ја следи финансиската состојба – вели Саздов.
Бидејќи сите пари од целиот пензиски придонес од 18,8 проценти одат во државниот Фонд за ПИОСМ, а потоа 6 проценти во приватните пензиски фондови, во минатото бевме сведоци дека имаше пари што не стигнаа до приватната сметка на челновите во приватните пензиски фондови. Исто така, и покрај огромната заштита и многу безбедносни механизми, секогаш треба да се земе предвид дека светот живее со сајбер напади.
– Сопственици на пензискиот фонд се членовите. Но, средствата се наоѓаат кај деловните банки. Тоа се банки чувари на имот, кои се одговорни преку нив да се тргуваат хартиите од вредност. Но, тие се одвоени од средствата на самата банка, бидејќи и во случај на стечај и ликвидација, тие средства не се во масата. Дополнително, хартиите од вредност што се тргуваат и што се дел во портфолиото на пензиските фондови, се наоѓаат во депозитарите на државата, а во странство кај клириншките куќи, кои се субчуварите на имот – вели Саздов.
Тој вели дека во нашиот пензиски систем на капитално финансирано пензиско осигурување, имаме повеќе од 630.000 членови и нивните средства се инвестираат од пензиските друштва што се лиценцирани од страна на Агенцијата. Во системот имаме 2,6 милијарди евра, што е околу 16 проценти од бруто-домашниот производ на државата.
– На средбите со младите, како и со оние што веќе се членови на пензиските фондови, имаше доста прашања што ги одговаравме и, едноставно, тие што не знаеја, ги запознаваме, а тие што малку барем знаеја, се потсетија и добија повеќе информации за пензиското осигурување. Знаете, пензиското осигурување е сложен финансиски производ. Тоа е долгорочен инструмент – истакнува Саздов.
Активностите во рамките на Неделата на финансиска писменост ги спроведоа МАПАС, Народната банка, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето и Комисијата за хартија од вредност.
Целото ВИДЕОИНТЕРВЈУ погледајте го погоре.