ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Александра Радовиќ: Мојата животна приказна силно влијае врз музиката што ја создавам
Во Македонската филхармонија на 27 февруари доаѓа регионалната поп-дива Александра Радовиќ со концерт што ветува интимна, но моќна музичка вечер, спој на префинета интерпретација, раскошна продукција и песни што со години живеат во срцата на публиката. Со овој концерт таа најавува уште една значајна година во нејзината кариера.
Препорачано
Позната по емотивните балади и по настапите исполнети со искреност и енергија, Радовиќ на љубителите на квалитетната музика им нуди ретка можност за вистинско концертно уживање во еден од најелегантните простори во земјата. Публиката може да очекува внимателно избран репертоар, силни емоции и вечер што долго ќе се памети.
По повод концертот, „Слободен печат“ сними ексклузивно интервју со Александра, во кое разговаравме за нејзината богата кариера, за концертните искуства и специфичната поврзаност што ја гради со публиката, но и за нејзината најважна животна улога – онаа на мајка и реализирана жена.
Во разговорот, таа искрено проговори и за тоа колку животното искуство ја обликува како уметник. На прашањето дали животното искуство и нејзината лична приказна ги гради професионално, односно дали тоа влијае врз музиката што ја создава, Александра одговара:
– Апсолутно да. Мојата животна приказна силно влијае врз музиката што ја создавам, таа е продукт на разни искуства, добри и лоши моменти, подеми и падови, промашувања, излегување од тие промашувања… Потоа фази во кои мислите дека сè е без врска, па потоа како феникс да се кренете повторно.
На пример, мојот втор албумот се вика ‘Жар птица’ и го доби името затоа што во тој период од животот буквално се издигав од пепелта. Тоа искуство беше длабоко лично и многу важно за мене како автор. Верувам дека токму животното искуство ѝ дава тежина на една песна.
Често ме прашуваат зошто денес младите ги пеат моите песни, па дури и на музичките натпревари ги прашуваат зошто бираат песни што не можат да ги отпеат. Јас мислам дека за тоа треба искуство, не може млада личност која сè уште не го спознала животот да пее за тешки болки, за скршено срце или за закрепнување. За тоа треба навистина да си поминал низ нешто што те скршило и повторно те составило, за да можеш да пееш од искуство. Само така може да се пее од срце, а не само формално – вели Радовиќ.
Зад сценските светла, аплаузите и емоциите што ги споделува со публиката, стои една поинаква, тивка и многу лична приказна, онаа за мајчинството. Колку и да е исполнет нејзиниот професионален календар, за неа најважната животна улога е улогата на мајка. Токму затоа разговорот го заокруживме со прашањето како изгледа балансот меѓу сцената и домот, и како нејзината ќерка Нина се справува со тоа што има мајка која е постојано во движење и под будното око на јавноста.
– Се трудам тој дел да го држам на страна. Сепак, децата минуваат низ различни фази. Во одредена возраст не им е јасно зошто луѓето се фотографираат со нивната мајка, па се прашуваат: „Тоа е мојата мама, што сакате?“ Потоа доаѓа период кога им е сèедно, на Нина не ѝ било важно тоа, никогаш самата не зборувала за тоа. Сега, кога е во средно училиште, гледам дека на децата им е интересно, особено поради Тикток и поради песните што повторно стануваат актуелни. Но, генерално, се трудам да ги раздвојам работата и мајчинството и да го држам тоа надвор од очите на јавноста. Мислам дека е подобро и за неа и за мене да не ја експонирам во јавноста. Нема потреба детето да биде дел од тој свет – барем јас така мислам.
Сепак, таа е мојот најголем критичар. Коментарите почнуваат од гардеробата, па сè до песните. Се сеќавам на една ситуација – имаше можеби шест или седум години кога дојде со мене во Скопје. Често патува со мене, особено сака кога сме во хотел со базен, па додека јас снимам и работам, таа ужива.
Една вечер бевме на вечера со Дарко Димитров и покојниот Лаќа, синот на Марина Туцаковиќ. Ја поведовме и Нина. Дарко ја праша: „Како си, малечка? Ти се допаѓа песната што ја направивме за мајка ти?“ А таа: „А кога на мама ќе ѝ направиш нешто како Диџеј Снејк?“. Сите останавме затекнати. „Кој Диџеј Снејк, што е ова?“, се смеевме.
Таква е, искрена и директна. Знае да праша и: „Зошто пееш само тажни песни? Дали некој те оставил?“ И навистина, има многу такви бисери од неа, но таа е добро и питомо дете – раскажа Александра за својата ќерка Нина.
Целото интервју со Александра Радовиќ, можете да го гледате на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.


