ВИДЕО: Втор ден масовна вакцинација – таргет 7.000 вакцинирани дневно

Вакцинација во СЦ „Борис Трајковски“, Скопје / Фото: СП. - Драган Митрески

Господин Младеновски е скопјанец кој денеска во пунктот за вакцинирање во А1 Арената „Борис Трајковски“ дојде да провери како неговата ќерка која е воспитувачка ќе може да се вакцинира.

Овој 80-годишен наш сограѓанин уште на први април се вакцинирал со вакцината Астра Зенека во пунктот за вакцинација Букурешт и вели дека се чувствува одлично и апелираше до граѓаните да ја искористат можноста и да се вакцинираат со достапните вакцини.

-Со вакцината се заштитуваме ние и нашите семејства, роднините и пријателите. Им препорачувам на сите да не се плашат од вакцината зошто е сигурна и може да се спасат од оваа болест, апелира Младеновски.

Министерот Филипче разговараше со него и му посочи дека воспитувачките влегуваат во приоритетната група за вакцинација како и припадниците на армијата, полицијата, пожарните служби, возачите и новинарите.

Во текот на вчерашниот ден во Спортскиот центар Борис Трајковски се вакцинирале 2.500 граѓани, информираше министерот за здравство Венко Филипче додавајќи дека системот добро функционира и лично, со обиколка во салата, лично се увери во тоа.

-Како доаѓаат вакцините ќе се дополнуваат овие два системи, ќе се намалува возрасната граници. Возрасните граѓани ќе бидат повикувани преку матичните лекари, а преку системот на закажување и пријавување во институциите ќе се зголемува и бројот на граѓани кои ќе се вакцинираат во салата „Борис Трајковски”. Оптимумот, бројот кој сакаме да го постигнеме е да имаме околу 7000 вакцинирани граѓани на ден. Би можело тоа и да се зголеми, меѓутоа одиме чекор по чекор. Сепак ова е нов систем и сакаме добро да функционира. Вчера немаше никаков проблем и се надевам така ќе продолжи и во следниот период, додаде Филипче. 

Тој најави дека во претстојниот период се очекуваат и 20 000 вакцини „Спутник” за да бидат ревакцинирани овие граѓани кои од вчера масовно се имунизираат во салата „Борис Трајковски”.
Министерството до крајот на месецот очекува и кинески вакцини како и од „Фајзер“.

-Има најави дека помеѓу 15 и 20-ти треба да стигнат и кинеските и вакцините „Фајзер” од нашиот директен договор и од трипартитниот од Европа, но кога ќе имаме конкретни датуми, ќе ги соопштиме, рече Филипче.

Заклучно со вчерашниот ден близу 13 илјади граѓани се вакцинирани, соопшти министерот и освен два случаи на колапс, кои што не се поврзуваат со вакцината, туку веројатно станува збор за страв и панични напади, тука во салата „Борис Трајковски”, други несакани ефекти нема, вели Филипче.

Од денеска стапуваат на сила новите рестриктивни мерки со кои надлежните сметаат дека спасне бројот на нови случаи на коронавирусот и ќе се намали притисокот врз здравствениот систем.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот