ВИДЕО: Воен аналитичар предизвика нови тензии меѓу Хрватска и Србија
Српската амбасада во Загреб денеска ги осуди изјавите на воениот аналитичар Марио Галиќ и на пратеникот Крешо Бељак утрово во емисијата „Полиграф“ на Хрватското радио и ги оцени како говор на омраза против Србија и нејзиниот претседател Александар Вучиќ, пренесува „24 сата“.
Воениот аналитичар Галиќ во емисијата „Полиграф“ на Хрватскиот јавен радио сервис, на темата околу воената поддршка за Украина од САД рече дека САД „најверојатно не би сакале ни да ни продадат“ крстосувачки ракети и ракети со долг дострел „бидејќи тоа би ја променило рамнотежата на силите на Балканот“.
Тој продолжи дека, на пример, проектилот „Метеор има (дострел) од 200 километри, го испукувате од Загреб и го соборувате претседателскиот авион над Белград“, на што парламентарниот претставник Крешо Бељак дофрли „и повеќе го нема српскиот свет“, а Галиќ возврати – „решен проблем“. Тогаш водителот ги замоли да не предизвикуваат дипломатски инциденти и ја промени темата.
Амбасадата на Србија во Хрватска ги повика хрватските државни институции и медиумите јасно да го осудат „јазикот на омраза кон Србија и српскиот народ и повиците за убиство на српскиот претседател Александар Вучиќ“.
– Сметаме дека ваквите испади не смеат да бидат дел од политичкиот мејнстрим во Хрватска и дека оние кои посегнуваат по пораки од ваков тип во јавниот дискурс ќе наидат на јасни чекори за спречување на ваквото однесување – се наведува во реакцијата на Амбасадата.