ВИДЕО | Уписите почнаа, учениците во трка за едно од 30.053 слободни места во средните училишта

Фото: Слободен печат/Ристe Пејовски

Од денеска па се до четврток ќе трае првото пријавување од јунскиот уписен рок за идните средношколци, а во јавните средни училишта слободни се 30.053 места во 913 паралелки, во 109 средни училишта. Второто пријавување овој месец е на 23 и 24 јуни, а третото е на 30 јуни.

Од вкупниот број слободни места во прва година средно, 19. 602 се во стручно образование во 604 паралалеки, 9.261 во гимназиско образование во 274 паралелки и 1.190 места во 35 паралелки се за училиштата од уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и за математичко-информатичка гимназија.

– Целиот процес на упис на идните средношколци како и минатата година е со протоколи кои ги организиравме, со тоа што оваа година уписите траат четири дена. Засега немаме никакви проблеми, пријавувањето и запишувањето на учениците тече непречено – вели Драган Арсовски за „Слободен печат“, директор на СУГС Раде Јовчевски –  Корчагин.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

По објавување на ранг-листите со резултатите од запишувањето, учениците кои не се запишани во училиштето, задолжително ја подигнуваат целокупната доставена документација поднесена во училиштето во рок од 48 часа, а училиштата имаат обврска да им ја вратат целокупната документација на учениците во рок од 48 часа.

Од разговорите со дел од родителите и учениците од Скопје, може да се забележи дека „Корчагин“ е едно од средните училишта каде има најголем интерес за запишување на идните средношколци, но голем интерес се пројавува и за гимназиите „Орце Николов“ и „Никола Карев“, како и за средното медицински училиште „Панче Караѓозов“.

– Секогаш бројот на ученици кои се пријавуваат е голем, тоа е случај и оваа година. Нашата гимназија е една од најпривлечните за идните средношколци – смета наставничката по етика, Елвира Мустафа од СУГС „Никола Карев“.

Од друга страна пак, учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места по јунскиот рок, односно на 23 август 2021.

МОН годинава во фокус го става средното стручно образование и затоа пролетта организираше кампања „Учи паметно, работи стручно“ во општините низ земјава, во соработка со стопанските комори, локалните самоуправи и средните училишта, за да се утврди кои се потребните профили што треба да се отворат во одредено училиште или кои треба да се стават во мирување.

Фото: Слободен печат/Ристe Пејовски

За да се мотовираат учениците да се запишат во средно стручно образование, воведени се и стипендии во текот на деветте месеци од идната учебна година: 2.000 стипендии во вредност од 3.500 денари за сите ученици кои ќе се запишат во дуална паралелка или во тригодишно стручно образование, а 200 стипендии од 2.200 денари ќе им бидат доделени на ученици запишани во прва година во дефицитарните струки, како електротехничката, машинската, угостителско-туристичката, градежно-геодетската, земјоделско-ветеринарната и текстилно-кожарската струка.

Во продолжение погледнете како поминуваше првиот уписен ден на учениците во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот