ВИДЕО| Трајковски: „Пики блајндерс“ шапки и руски шубари во Старата скопска чаршија

Илчо Трајковски/ Фото: Методи Здравев

„Слободен печат“ во поддршка на старите занаети од Скопската чаршија. Преку интервјуа со занаетчиите ќе се обиде да ги спаси од заборав, да ги запозне младите генерации со традицијата која со векови се одржува во Чаршијата. Можеби прилозите ќе бидат поттик за некој млад човек некој занает да го одбере за своја идна професија и со тоа да ја продолжи традицијата. Со тоа ќе ги спаси дуќаните од трајно затварање.

Илчо Трајковски е шапкар, еден од најстарите занаетчии, не во години туку по постоење на дуќанот. Занаетот се наследува веќе 150 години од колено на колено. Почнал со работа кога имал шест години за време на летните распусти и полека почнал да го учи занаетот. Од тогаш до денес направил илјадници шапки, шешири, качкети. Најпознат е по моделот „Пики Блајндерс“, направен по урнек на шапките кои ги носи главниот лик од серијата.

Илчо Трајковски/ Фото: Методи Здравев

-Со брат ми почнавме од 6 години, во текот на летните распусти. Секое лето бевме тука и до крај на живот ќе бидеме тука. Ние сме трета генерација на шапкари, занаетот се пренесува од дедо на татко, па на внук. Постоиме над 150 години. Од 1952 година сме овде во овој дуќан пред тоа бевме кај црквата „Свети спас“- вели Трсјковски.

За процесот на производство на шапки вели дека зависи од тоа дали е лето или зима. Во лето се користат памук и лен, а познати се по користење само на природни материјали.

Фото: Методи Здравев

– За зима користиме повторно природни зимски материјали, филц, волна. Последниве години мора да се прилагодиме на новите трендови. Младите следат мода, гледаат се што се продава по светот, па почнаа да носат шапки повторно. Ние како мајстори сме задоволни многу, има работа- вели Трајковски.

Тој раскажува дека во Скопје имало многу аристократи, во однос на држењето и облеката се бирале и шапките.

– Порано правевме помалку шапки месечно. Има голема разлика од пред 20 до 30 години. Сега правиме повеќе. Во Скопје има многу туристи. Така ако една капа е 1.000 денари кај нас во Германија е 40 евра. Странецот доаѓа и овде ја купува како сувенир- вели шапкарот.

Фото: Методи Здравев

Во неговиот дуќан има премногу модели. Но најпознат е „Пики Блајндерс“ моделот.

– Тоа е капа од еден филм, моделот е од пред двесте години. Тој е шкотски модел или ирски. Капата е поради серијата, тоа повеќе се бара, а ги имаме во сите шари, и летни, и зимски- вели шапкарот.

Тој вели дека ако не знаете што е соживот, да одите кај него во Скопската чаршија да видите како тој комуницира со соседите. Околу изработките на капите вели дека најтешко во мометов што прави е шубара, последен е во Македонија. Исто така и шешири.

-За да се направи шешир има преку четириесет апаратури за да се добие на крај производот. Шешир во Скопје, не може секој да направи. Шубарите се прават од волна од крзно од верверица, дабар, тешко се учи занаетот- вели Трајковски.

До 1990 година имал чираци, од тогаш ни еден не прашал за да го научи занаетот. Има два сина кои се заинтересирани за занаетот, но не знае дали ќе го наследат.

-Качкетот е најпознат мој производ и го носеа многу по селата. Ист е како од пред 100 години. За еден качкет потребни се 10 до 15 минути. Рутина е во прашање. И уметност. Се црта шапка, па се прави шнит, па калап од гипс, се крои и се шие. Со овој занает не можеш да бидеш богат. Доволен е за прежививање- вели Трајковски.

Илчо Трајковски/ Фото: Методи Здравев

Тој вели дека сите занаети во светот што постојат смируваат.

-Дали сте слушнале за некој занаетчија, ама прав занаетчија да направи некоја беља? Не сигурно…Ве примаме со убаво, и со убаво ќе ве испратиме.

Целото интервју на колешката Агнеса Чаволи и постапката како се прави шапка погледнете го овде: 

Во понеделник очекувајте го интервјуто на Шенол Хаџи и приказната за најстарата слаткарница во Скопскета чаршија „Ригара“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот