ВИДЕО | Светски ден на учителите: Учениците веќе не ги поздравуваат со станување

Соња Кирковска, директорката на најстарото основно училиште во Македонија, „Кирил и Методиј“

Стравопочитта која порано учениците ја покажуваа кон наставниците, сега е заменета со меѓусебен пријателски однос. Понекогаш тоа дава добри резултати, но знае да биде и меч со две острици. Ова денеска, на одбележувањето на Светскиот ден на учителите, го истакна Соња Кирковска, директорката на најстарото основно училиште во Македонија, „Кирил и Методиј“.

– Да се биде учител е голем предизвик секогаш, а особено во денешно време, кога живееме во пандемија. Тоа е една благородна професија, ние сме вторите мајки и татковци. Нашиот предизвик е голем затоа што покрај едукацијата, ние треба и да ги воспитуваме децата.  Меѓутоа многу работи се  променети од времето кога јас бев ученичка, тогаш повеќе се почитуваа наставниците, денеска за жал не е така, и многу повеќе труд се вложува за да се добие вниманието и почитта на ученикот. На пример, ретко во кое училиште може да се види учениците да станат и да му посакаат добар ден на наставникот кога влегува во училница, вели директорката Соња Кирковска.

Таа вели дека минатогодишното отсуство од училиште придонесло до тоа учениците да изгубат дел од училишните навики, а најголеми потешкотии имаат со првачињата.

– Голем дел од првачињата минатата година воопшто не посетуваа градинка. Тоа значи дека сега повторно е потребен период на адаптација. Постојано внимаваме на тоа да се почитуваат протоколите, правиме натчовечки напори за децата да не дојдат во контакт со вирусот. На голем одмор на децата им е дозволено да излезат во училишниот двор, но тие се под постојан мониторинг на наставниците. Досега само едно дете од нашето училиште посетува он лајн настава, а три деца не ја започнаа наставата од причина што претходно биле заразени со Ковид, вели Кирковска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот