ВИДЕО: Самоопределување ги кандидира Курти за премиер и Османи за претседателка на Косово

Лидерот на партијата Движење самоопределување (ВВ), поранешниот премиер Албин Курти, и вршителката на должноста претседател на Косово, Вјоса Османи го официјализираа денеска договорот за заеднички настап на вонредните парламентарни избори, кои ќе се одржат на 14 февруари, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната заедничка прес-конференција со Османи, Курти објави дека тој ќе биде кандидат на ВВ за иден премиер, додека по формирањето на новиот Парламент на Османи ќе и се „релегитмира” функцијата претседател на државата.

– Османи и мене ќе не најдете на исто место и со иста цел. Постигнавме договор со кој ги потврдуваме заедничките стремежи за држава со правдина и без корупција, за држава со здравство и образование, изјави Курти по потпишувањето на договорот.

Османи, која како претседателка на Собранието ја врши должноста шеф на државата по оставката на Хашим Тачи од таа функција, рече дека денешниот договор ја претставува волјата на граѓаните и дека „ова обединување е повеќе од една листа и цели кон иднината на народот”.

– Ние сме цврсто определени за борба против организираниот криминал и корупцијата и за одбрана на Уставот на државата. Определени сме за градење на едно Косово во кое секој ќе може да обезбеди достоинствен живот, изјави Османи.

Заедничката листа на кандидати за пратеници на ВВ и на таканаречената „иницијатива” на Османи, на која и се приклучија неколку членови на нејзината доскорешна партија, актуелно владејачкиот Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), ќе биде предадена во Централната изборна комисија в сабота, на 16 јануари.

Извор:МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот