ВИДЕО | Проф. Пивоваров: Земањето мито станува нормална појава, само со полиграф може да селектираме чесни кадри за работа на граница

Владимир Пивоваров/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

Околу иницијативата за воведување на полиграф како алатка за утврдување на интегритет кај државните службеници кои работат на граничната линија се уште се кршат копјата. Дебатите покажуваат дека генерално има расположение за полиграф како единствен и нужен механизам за сузбивање на корупцијата, ако негодување има од Царинската управа, а дел од учесниците прашуваа каде имало ваква пракса:

-На 12 март годинава кога започна јавната дебата за воведување на полиграфот, истиот ден во Црна Гора се избираше в.д. директор на полицијата. Од седум кандидати, двајца го поминале полиграфот, четворица не го поминале, а петтиот од здравствени причини не бил полиграфиран. Ете во нашето опкружување се гледа на толку висока позиција црногорските власти го издигнале овој механизам за  утврдувањето на интегритет на службеник кој има една сериозна функција во нивното општество. Ако одиме подалеку, од 2010 година во САД секој кандидат кој ќе заснова работен однос во Царинската и граничната патрола полиграфот е предуслов, вели проф. д-р Владимир Пивоваров кој е Национален координатор за гранично управување од кого тргна оваа инцијатива.

Штетите од корупцијата која почнува на граничната линија освен по буџетот се одразуваат и врз националната безбедност зошто само еден корумпиран полицаец или цариник може да пропуштат количество акцизни стоки, наркотици, оружје, дрога, мигранти, терористи итн и таквите дејства да имаат катастрофални последиците врз државата.

-За жал кај нас во општеството дојдовме во една ситуација, културата на нормално однесување, значи на интегритет да биде нешто сосема спротивно, а тоа го викаме супкултура. Значи сега веќе земањето мито да стане нормална појава и во таква ситуација, значи обременети со сите можни долги истраги. Со овој предлог проект ние предвидуваме да се заобиколи тој долгиот систем на можни злоупотреби, немање ефикасност во истраги, непреземање на мерки од нивни претпоставени, што сѐ е индиција дека нешто се случува и од граничната линија и на повисоко ниво и во таква ситуација, многу едноставно предлагаме лицето кое нема да го помине полиграфот, значи тоа не е ништо страшно, полиграфистите многу убаво објаснија дека чесниот ќе продолжи, нечесниот нормално нема веќе да се врати на местото на настанот, вели проф. Пивоваров коментирајќи го отпорот кој постои во јавноста.

Од друга страна Царината смета дека спровела доволно мерки со кои ќе ги контролира царинските службеници, а со растот на нивните плати, се намалува мотивот за посегнување по мито. Воведени се дигитални камери, боди камери, видео надзор и низа други алатки за контрола на однесувањето на цариниците.

-Видео надзорот може да детектира ситна корупција која исто така не смее да се проголта, но има ограничено дејство во одреден простор кој можеби е 100-200 метри, зависи од дијапазонот на камерите. Но кога се работи за крупни зделки апсолутно никој не е глупав на местото на настанот да ги земе парите. Или ќе се остават во шпедиција, или ќе се остават во кафана, а тоа е договор што е надвор од дометот на камерите. Камерите се добри како превенција, но на одреден простор. Дигитализацијата во целост не го решава проблемот со давање и земање на мито, а позади тие дигитализирани електронски направи, сепак е факторот човек и тој може дигиталниот систем да го насочи во потполно погрешна насока и апсолутно да немаме никаков ефект. Тоа веќе се случувало во пракса. Со полиграфот ќе ја искорениме корупцијата на граничната линија и на граничните премини, вели Пивоваров.

Тој предлага полиграфистите кои ќе го спроведуваат испитувањето да функционираат под капата на Собранието за да нема опасност од влијание врз нив и манипулација со резултатите.

-Цениме дека оној субјективен момент на претпоставен и потчинет, а потчинет е полиграфистот може да се има влијание. Затоа велиме, сите можни компромитации натамошни на проектот да ги избегнеме и затоа велиме тоа да биде налик на ОТА, собраниско тело под контрола на собранието. Жалам што не профункционира Надзорот на безбедносните служби каде беа вклучени медиумите, невадиниот сектор, значи нешто да профункционира кадешто навистина ќе имаме чист процес. Никој да нема влијание врз никого и во таа ситуација ќе имаме јасна слика кои сме, што сме и докаде сме.

Според професорот кај нас национален спорт број 1 е даночното затајување поради што штетата од сивата економија според некои пресметки е од 1,2 до 1,4 милијарди евра на годишно ниво, солидни средства кои ако се инкасираат во буџетот може да донесат напредок во сите сфери, подобар стандард на граѓаните и ќе го намали и иселувањето на младите од државата кои поради корупцијата која е во сите сфери на општеството се принудени да се иселуваат.

-Онаму кадешто корупцијата вирее стандардот и животот на луѓето во секој сегмент е на најниско ниво, зошто не се единствени околу ова прашање, а многу лесно може да го решиме проблемот, да бидеме многу посериозно опошштество, многу посреќно општество и многу попочитувано од меѓународната заедница, вели проф. Пивоваров.

Според него дури и мафијашките структури иако се од другата страна на законот го користат полиграфот при регрутирање на своите членови, а и големите корпорации исто така кандидатите за вработување ги упатуваат на детектор за лаги.

-Ние на граница имаме два вида на мито. Првиот кога државниот службеник ви создава една претпоставена ситуација каде ве убедува дека не сте во право иако сте, а за да поминете, за да не чекате долго треба да дадете мито заради измислената ситуација и тука имаме само приматели на изнудено примање на мито. Тука може да имаме резултати само како дојава за можна корупција до истражните органи. Во другата ситуација ако државниот службеник му понуди на увозникот кој треба да плати 50.000 евра давачки кон државата и понуди да се договорат со тоа што нему ќе му даде 10.000 евра, а тука е оштетена државата. Главната корупција е токму во внатрешноста кадешто што тарифните броеви е манипулираат и потоа нема никаков епилог од тоа, вели проф. Пивоваров.

Престои во наредниот период четврта дебата каде своето мислење ќе го кажат и политичките партии и од политичката волја ќе зависи конечниот исход на оваа иницијатива. По нив и дипломатите во Македонија ќе го кажат својот став.

-Граничната линија е огледало на државата од каде може многу лесно да биде загрозена националната безбедност. 33 години на сите политички партии кои беа во парламентот и оние вонпарламентарни во нивната програма на високо место им беше борбата со корупцијата, но немаме ефективни резултати. Поразително е што досега имавме минимални резултати од борбата со корупција, кривични пријави поднесени од истражни органи, долги истраги, пресуди со условна осуда, па истото лице се враќа на истото работно место или народски кажано на волкот му ги оставаме да ги чува јагнињата, вели Пивоваров во емисијата „Слободен печат“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот