ВИДЕО | Научниците кои ги создадоа првите живи роботи: „Сега можат да се размножуваат“

Првите живи роботи во светот сега можат и да се размножуваат/ Фото: Јутујуб

Американските научници кои ги создале првите живи роботи велат дека животните форми познати како ксеноботи сега можат да се репродуцираат, на начин непознат за растенијата и животните. Формирани од матичните клетки на африканската канџи жаба (Xenopus laevis) по која се именувани, ксеноботите се помали од еден милиметар, објави Си-Ен-Ен.

Овие зрнца првпат биле претставени во 2020 година, откако експериментите покажале дека можат да се движат, да работат заедно во групи и да се самолекуваат. Сега научниците од Универзитетот во Вермонт, Универзитетот Тафтс и Институтот за биолошки инспирирано инженерство на Универзитетот Харвард објавија дека откриле сосема нова форма на биолошко размножување, различно од кое било животно или растение познато на науката.

„Бев изненаден од тоа. Жабите имаат свој начин на репродукција, но кога ќе ги одвоите клетките од остатокот од ембрионот и ќе им дадете шанса да разберат како да преживеат во нова средина, тие не само што ќе најдат нов начин да се движат, туку и нов начин за репродукција“, рече Мајкл Левин , професор по биологија и директор на Центарот за откривање Ален на Универзитетот Тафтс, кој го предводел новото истражување.

Матичните клетки се неспецијализирани клетки кои можат да се развијат во различни типови на клетки. За да направат ксеноботи, истражувачите ги стругале живите матични клетки од ембрионите на жабата и ги оставиле да се инкубираат. Немало манипулација со гени.

„Повеќето луѓе мислат дека роботите се направени од метал и керамика, но не е толку важно од што е направен роботот, туку што прави, или дали работи во корист на луѓето. Во таа смисла, тоа е робот, но очигледно организмот е создаден генетски, од немодифицирани жабји клетки“, вели Џош Бонгард, професор по компјутерски науки и роботика на Универзитетот во Вермонт и главен автор на студијата.

Бонгард рече дека откриле дека ксеноботите, кои првично биле во сферична форма и направени од околу 3.000 клетки, може да се реплицираат. Но, тоа се случувало ретко и само под одредени околности. Ксеноботите користеле „кинетичка репликација“, процес за кој се знае дека се случува на молекуларно ниво, но никогаш претходно не бил забележан на ниво на цели клетки или организми.

Со помош на вештачка интелигенција, истражувачите потоа тестирале милијарди форми на тела за да ги направат ксеноботите поефикасни во овој тип на репликација. Суперкомпјутерот смислил C-облик кој наликува на Pac-Man, видео игра од 80-тите. Откриле дека е способен да пронајде ситни матични клетки во петриевата чинија, а неколку дена подоцна клеточниот сет станал нов ксенобот.

„Вештачката интелигенција не ги програмираше овие машини на начинот на кој вообичаено замислуваме, пишувајќи кодиран процес“, изјави Бонгард за Си-Ен-Ен.

Xenobots се многу рана технологија, нешто како првите компјутери од 1940-тите, и сè уште немаат практична примена. Сепак, оваа комбинација на молекуларна биологија и вештачка интелигенција потенцијално би можела да се користи во низа задачи во телото и околината, тврдат истражувачите. Тие може да вклучуваат собирање микропластика во океаните, проверка на кореновиот систем и регенеративна медицина.

Иако можноста за самореплицирање во биотехнологијата може да биде загрижувачка, истражувачите нагласиле дека живите машини се целосно ограничени на лабораторија и лесно се исклучуваат, бидејќи се биоразградливи и регулирани од експерти за етика. Истражувањето е делумно финансирано од Агенцијата за напредни истражувачки проекти за одбрана, агенција на САД која го надгледува развојот на технологијата за воена употреба.

„Постојат многу работи кои се можни ако го користиме овој тип на пластичност и способноста на клетките да решаваат проблеми“, заклучил Бонгард. Студијата е објавена во понеделникот во рецензираното научно списание PNAS.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот