ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Проф. Гоцевски: Загрижувачка е поделбата во македонскиот блок по прашањето на евроинтеграцијата, мора да постои консензус

Проф. д-р Трајан Гоцевски/Фото: Слободен печат/Методи Здравев

За жал кога се потпиша Преспанскиот договор, реков во едно интервју дека најтешките преговори ќе се случуваат со Бугарија. Тоа го знам од многу одамна и ги следам македонско-бугарските односи, бидејќи и од Делчево потекнувам. Знам добро која е нивната основна теза. Таа теза е во спротивност со геополитичките, воено – стратегиските и другите интереси на големите играчи, и држави и колективитети, и во тоа Бугарија нема право и таа не може да издејствува некои работи, вели проф. д-р Трајан Гоцевски во гостувањето во емисијата „Слободен печат“.

Говорејќи за пречките во интегративниот процес како и за стратешките определби на државава, проф. Гоцевски како член на Советот за безбедност на претседателот Стево Пендаровски истакна дека многу предизвици остануваат пред нас.

-Прво да почнеме од амбиентот. 2024 година е година на избори во САД, Русија, во Европската Унија итн и секако кај нас. Се поставува клучното прашање каде ќе тргне светот, големите политики. Клучното прашање е ние тоа да го процениме и таму да можеме да се приклучуваме. Бидејќи ние сме во изборна година и јас затоа кажав, првото и основно прашање за нас ќе биде фер и демократски избори, на коишто нема да имаме поплака од овие луѓе коишто не мониторираат. Тука за тоа мора да имаме обединување. Второ, националните и државните интереси во којшто спаѓа и европската интеграција, мора околу неа да се направи обединување затоа што алтернативите ги слушаме кои се, перспективите се многу јасни ако идеме во изолација и околу тоа прашање ние мора да постигнеме еден нужен консензус, дециден е проф. Гоцевски.

Тој изрази загриженост од поделеноста во македонскиот блок по прашањето на евроинтеграциите кои се усложни со недонесувањето на уставните измени.

-Меѓу прашањата кои ме загрижуваат е поделбата околу ова прашање и затоа често пати мислам дека е можен консензус, тоа е врвно националано и државно прашање бидејќи сега имаме две линии на поделба на македонското општество, а треба да правиме да биде кохезивно општество, бидејќи како општество влегуваме во тие колективитети. Ние таму не влегуваме како албански, македонски блок, влегуваме како општество, не како невладини организации или како политички партии. Еве сега поради непостигнување на некаков консензус, што го направија и Хрватска и Словенија и Бугарија пред да влезат во НАТО и ЕУ, кај нас само тоа не се случи, имаме поделба кај албанскиот блок кој исклучиво поддржува евроатлански интеграции, нема ниту една партија која има резерва, и таа поделба кај македонскиот блок е нешто пониска, а шавот полека се гледа дека не е цврст како што треба. Пострашна е поделбата во македонскиот блок по тоа прашање и тој не треба да се отвори како новина, зошто на тоа ќе се надоврзат идеите за учество на изборите во Македонија на политичка партија на премиерот на Косово. Тоа прашање е играње со оган и тоа по закон не може се дозволи но веќе се игра и тоа е на таа релација на поделеба на македонското општество. Ние бевме многу фер во односите со Косово, во секое време од признавањето до денеска. Нашата дипломатија мора да седне и да поработи и со Косово и со премиерот на Косово, смета проф. Гоцевски.

Професорот истакна дека како држава членка на НАТО треба да имаме и минимален консензус кон безбедносната заедница.

-Модернизација на Армијата не смееме да имаме од ден за ден, од година за година, тоа не треба да го расправаме и да го врзуваме ниту со една влада ниту со еден парламент, вели Гоцевски.

Професорот Трајан Гоцевски е првиот министер за одбрана во независна Македонија, а неодамна со Указ на претседателот Стево Пендаровски доби Орден за воени заслуги.

Целото интервју до проф. д-р Трајан Гоцевски погледнете го во продолжение:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот