ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Павле Гацов: Државата треба да го намали темпото на задолжување, да генерираме нова додадена вредност за да можеме да го враќаме претходно земеното

Павле Гацов - експерт за монетарна економија / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Министерот за правда Никола Тупанчевски во Владата на Димитар Ковачевски пред да го напушти кабинетот не се потпиша за да може Северна Македонија да земе кредит од 600 милиони евра и тоа државата ја чини за 34.8 милиони евра камата годишно, наместо 31.2 милиона евра и 100 милиони помалку ако потпишеше пред да биде сменет. Со вакво однесување на министрите очигледно не значат за буџетот на државата и за економијата неколку милиони.

-Македонија ја издаде деветата еврообврзница во износ од 500 милиони евра со купонска камата од 6,96 %. Соопшти МФ по одржана аукција. Претходната еврообврзница беше на износ од 600 милиони евра со камата од 6,25% годишно. Однесувањето на министерот беше преседан досега не забележан при ваков вид работа за да не дојде до потпишување како што е во случајов за задолжување. За издавање на еврообврзницата. Сметам дека вакво однесување на министер не треба никогаш да се повтори ни на сон во иднина. Ова, пред се го мислам, поради со новото издавање на еврообврзницата имаме понеповолни услови, односно имавме повисока каматна (купонска) стапка. Овде има и една специфичност, а таа дека главниот долг или побарувањето од 600 милиони е намалено на 500 милиони евра. Разликата од 100 милиони не е мала сумата и е значајна за буџетот на државата. Очекувам да дојде до друг вид на задолжување за да се нивелира оваа финансиска разлика или може да дојде до зголемена наплата од приходите на домашните компании. Потребно е да се обезбедат системски механизми што значи донесување прописи за да не постои ситуација ваква финансиска постапка да зависи од личната волја на еден човек кога ќе има причина да се налути или сака да замине од функцијата. Ова го истакна во интервјуто за „Утрински печат“ на Слободна ТВ Павле Гацов, магистер по монетарни финансии.

Различни ставови меѓу министерството за финансии кое се обидува да ја намали штетата во секој поглед и други мислења од експерти што не се согласуваат со ваквото образложение.

-Како економист, а не сум политичар броевите за мене се факти, а тие факти покажуваат дека ние се задолживме поскапо, а кај задолжувањето најважна бројка е висината на каматата. Заклучокот врз основа на податоците без да навлегувам во теориско –политичко образложување гласи – ова е поскапо задолжување и државата ја чини повеќе. Секоја држава може и понекогаш треба да побара туѓи пари и да се задолжи. Истовремено, државата што води политика на домаќинско работење знае и јавно кажува за што ги зема кредитите и за што ќе ги користи парите. Знаеме ли за што и требаат овие пари на нашата Влада, вели Гацов.

-Главното прашање е зашто ги користи Владата парите, а уште поважен е одговорот. Секое задолжување треба да има мотив каде што појдовна точка е домашниот буџет. Ако владата зема кредит за да врати претходен кредит, што во Македонија се случува, тогаш граѓаните ќе платат подоцна, но во моментот тие граѓани пак ќе платат кредит што го земале претходните генерации. Со други зборови, децата ги отплаќаат кредитите на родителите и дедовците. Правилно би било кога домаќинот знае колку треба од вкупното жито да одвои за храна за да ја јаде, колку за да посади и да се роди ново жито и колку да зачува за друга ситуација. Вештината во макроекономијата се состои во атомизирање на големите износи во мали функционални финансиски делови за конкретни потреби. Државата мора да ги враќа претходно земени кредити или долгови и ако не го прави тоа потпаѓа под други услови во правниот меѓународен поредок. Сметам дека како држава треба да го намалиме темпото на задолжување, потоа да генерираме нова додадена вредност и да можеме да го враќаме претходното земено. Решението го гледам и во намалување на сивата економија, вели Гацов.

Анализата на она што се нарекува сива економија укажува дека државата ако го намали ова однесување, спротивно на законите може да го зајакне буџетот.

-Во неколку анализи може да забележите дека сивата економија се движи во Македонија до 30% од бруто домашниот производ (БДП) што укажува дека државата кога би наплатила 10% од оваа сума тоа претставува значајно зајакнување на капацитетот на буџетот. Една од работите што може да биде бенефит за сите нас е дека државата не мора да се задолжи кај другите банки со толку висока камата како што беше сега случајот. Вистинско освежување би било доаѓање на овие средства во буџетот, а претходно не биле приливи. Паралелно со оваа придобивка, остваруваме уште едно ново подобрување, а тоа е зајакнување на довербата во институциите на државата кај оние субјекти што ги почитуваат законот и работат според приписите. Создаваме култура на однесување во услови кога тие се однесуваат и применуваат врз сите и за сите. Повеќе области се зафатени со сивата економија и тоа земјоделие, градежништо, занаетчиски услуги, угостителство, е-трговија и други. Решението на намалување или сузбивање на сивата економија го гледам во еден целосно затворен систем на истиснување на готовината или паричните текови,- истакна Павле Гацов, магистер по монетарни финансии.

Целото интервју со Павле Гацов погледнете го видеото:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот