ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Јована Георгиева, психолог: Во одделот за брак и семејство постапуваме по секоја пријава во заштитата на детето

Јованка Георгиевска - психолог / Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Во центарот за социјална работа во град Скопје функционира одделение за брак и семејство што им помага на граѓаните во постапката за развод за семејства со деца. Во својата работа одделението кое е составено од стручни лица од различни професии, изработува мислење што му го дава на судот и кое врз основа на така изготвеното мислење донесува решение. Со решението на Судот децата се доделуваат на чување кај еден родител, а другиот има право да ги гледа во одреден ден.

-Проблематиката што ја обработува одделението се однесува на прашања поврзани со брак и семејство и во нашето одделение доаѓаат лица што имаат проблеми поврзани со бракот и со потребата да остварат право на развод или доверување на деца, односно да се определи лице кому треба да му припаднат децата. Во нашата надлежност се и давање согласности за патување, за иселување на еден од брачните партнери, потоа надзор над родителско право и друго. Нашиот оддел има стручни лица, како што се психолог, педагог, социјален работни и правник, а ако има потреба се вклучуваат и други лица во тимот. Како оддел имаме тесна и честа соработка со одделот за заштита од семејно насилство и со советувалиштето кое е во состав на службата. Освен што сме упатени со работата на меѓусебна соработка, како посебен оддел имаме соработка и со оддели од Центарот, како што се одделот за деца во ризик, одделението за парична помош. Ова е еден комплексен начин на функционирање со почитување на потребните аспекти во Центарот. Исто така, имаме и мулти секторска соработка, како што се МВР, училиштето, граѓанскиот сектор на пример Меѓаши и други. Ова го изјави Јована Георгиева, психолог координатор во одделот за брак и семејство во Центарот за социјална работа при гостување во емисијата „Утрински печат“.

Центарот по добиената пријава, анонимна или доставена од лице или институција има право да отвори предмет. Секој предмет се испитува на тој начин што се собираат релевантни информации од надлежните институции со цел да се направи точна слика во какви услови живее детето од родители што се во постапка на развод или се разведени. Секое асоцијално однесување на детето од разведени родители, како што е тепачка или друг вид конфликти со врсниците во училиштето е сигнал да се вклучи одделот за брак и семејство на центарот по добиена пријава.

-По добиената пријава во случај кога е пријавено асоцијално однесување на некое дете од разведени родители, ние ќе излеземе на терен за да ја утврдиме фактичката состојба во тоа семејство. Тимот ја утврдува состојбата на ризик и по дадената оцена се предлагаат конкретни мерки. Во случаи на тепачка на дете од разведени родители со негови врсници од училиштето, може да се вклучи и нашето одделение со цел да ја утврди причината за таквото однесување. Врз основа на нашето дејствување и утврдување на фактичката состојба, предлагаме да се вклучи и одделот за деца во ризик, ако за тоа процениме дека има елементи и потреба, од една страна и ако тие проценат може целосно да го преземат случајот и да работат со семејството, од друга страна. Оставена е и трета можност, а таа е сите служби да работат континуирано и координирано,- изјави психолог Георгиева,

Најважна е заштитата на детето и сите постапки се темелат на интересот на детето и во овој контекст им се укажува на родителите како да го променат своето однесување во интерес на воспитување на детето.

-Пријавите за семејно насилство имаат тенденција да се зголемуваат со тоа што треба да се има предвид дека врз ваквото однесување влијае можноста да се пријави делото, а не толку дека насилството е во пораст во однос на претходниот период. Меѓутоа, она што е битно е дека луѓето се обраќаат за помош и ја добиваат и институциите имаат високо ниво на будност за овој проблем со цел да ги заштитат децата, потенцира психолог Георгиева.

Целиот разговор со психологот Јована Георгиева погледнете го во видеото во продолжение..

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот