ВИДЕО ИНТЕРВЈУ| Христов: Околу 70.000 луѓе во Македонија имаат два до три оброка неделно

Според Светската организација за храна- ФАО Македонија се наоѓа на четврто место во Европа по недостиг на храна. Од друга страна податоците на нашата Банка за храна покажуваат дека во Македонија над 70.000 наши граѓани од кои повеќето се деца имаат само два до 3 оброка неделно.
Првиот човек на Банката за храна Душко Христов во интервјуто за „Утрински печат“ на Слободна ТВ вели дека најстрашна е скриената сиромаштија и во едно најопасна. Зато тој заедно со неговите соработници веќе четири години работи на Закон за вишок на храна.
– Конечно добиваме Закон за вишок на храна, кој ќе го регулира целиот процес – вели Христов.
Според него, ова е многу сложен процес, кој треба добро да се осмисли и да се спроведе за да бидат задоволни сите страни.
– За да се подели вишокот храна, тој што ја дели мора да има возило ладилник. При преземање, ќе треба да има соодветни садови во кои ќе се дели храната – вели Христов.
За да се донира храната што останува, потребно е да се исполнат неколку услови: да имаат соодветно складиште за храната кое ќе се одржува свежа, да има соодветен превоз и вработено лице за таа намена.
Според Предлог-законот, планирано е да се направи регистар на сите фирми што имаат вишок храна. Тие ќе добијат пасворд со кој ќе влегуваат на одредена платформа, на која ќе пријавуваат колку вишок храна имаат. Народните кујни ќе бидат должни да ја преземат и да ја поделат, а потоа на истата платформа ќе треба да пријават дека храната е стигната до крајните корисници за да нема злоупотреби. Преземањето храна ќе биде на принципот „прв дојден – прв услужен“. Законот предвидува големи парични казни, затворање на објектите, дури и казни затвор за спречување злоупотреби.
-Специфично за нашата организаиција е што мораме да се водиме по европски стандарди зошто сме членки на Европска организација за храна. Скоро 13 години сме во етер и до сега собрани се над 2,5 тони на храна. Банка за храна веќе 10 години 300 лица секојдневно снабдува со храна. Шеста година дополнително во Центар месечно се делат по 150 пакети на социјални случаи, а во н Кавадрци уште толку добиваат најзагрозените. Имаме стотина случајни јавувања на лица кои исто така добиваат храна- вели Христов.
Тие како Банка за храна делат пакувана храна како леб, лиснато тесто, шеќер, зејтин, смоки, чипс, чоколади, еурокрем.
-Ние сме против делење на термички обработена храна која останува после прослави и свадби. Немам информации дека се носи до народни куји, можно е не велам дека не се прави, но законот вели дека термички обработена храна треба да се искористи во рок од четири часа откако ќе се подготви- вели Христов.
Според неговите податоци кај нас најмногу се фрлаат кондиторски производи чоколади, колачи, ресани. Според досегашните закони на компаниите им беше поевтино да ги фрлат вишоците отколку да ги донираат.
До сега поевтино им беше да ја уништат храна и да платат 50 евра за тон отколку да ја донираат. Сега фирмите ќе се стимулираат да донираат храна бидејќи надоместокот за уништување дополнително ќе поскапи- вели Христов.
Со него разговаравме за храната која се фрла од семејствата, за начинот како се доѓа до храната која ја делат, но и за начинот како да се прехранат сè повеќе семејства во земјава.