ВИДЕО | Фасцинантно: „Францускиот човек-пајак“ го прослави својот 60. роденден качувајќи се на облакодер

Ален Роберт / Фото: EPA/YOAN VALAT

Ален Роберт, кој е познат како „францускиот човек-пајак“, го прослави својот 60. роденден така што се искачи на облакодер од 48 ката во Париз, без заштитна опрема со себе, пренесе Би-би-си.

„Сакам да им испратам порака на луѓето дека да се има 60 години не е ништо. Сè уште може да спортувате, да бидете активни, да правите фасцинантни нешта“, изјави тој за новинската агенција „Ројтерс“.

Како што објави Би-би-си, Роберт бил уапсен по качувањето на облакодерот. Тој и претходно се качувал на истиот облакодер, но овој пат се искачил за рекордни 60 минути.

„Си ветив себеси пред повеќе години дека кога ќе наполнам 60 години, ќе ја искачам кулата пак бидејќи 60 го симболизира времето за пензионирање во Франција и мислев дека тоа е добар потег“, сподели тој.

Целта на неговото качување била да ја подигне свеста за глобалното затоплување.

Роберт е познат по искачување високи градби ширум светот. Почнал да се качува во 1975 година, тренирајќи на карпите во близина на неговиот роден град Валанс во јужна Франција.

Својата кариера како урбан алпинист ја започнал на дванаесетгодишна возраст кога ги заборавил клучевите од дома и останал надвор од осумкатната зграда во која се наоѓал неговиот дом. Бидејќи немал трпение да ги чека родителите, тој едноставно се искачил по ѕидот од зградата и влегол дома.

Оттогаш, тој се има искачено на повеќе од 150 високи градби ширум светот, вклучувајќи го облакодерот Бурџ Халифа во Дубаи, највисоката градба изградена од човекот досега, Ајфелова кула во Париз, мостот Голден гејт во Сан Франциско, Операта во Сиднеј, кулите Сиарс во Чикаго, кулата Тајпеј 101 во Тајван, кулата Европа во Вилнус (Литванија), Џин Мао во Шангај, Федералната зграда во Москва итн.

Тој вообичаено ги искачува градбите без претходно да добие дозвола и затоа често е апсен по искачувањето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот